Македонско-холандската компанија „Глас глекс“ во ТИРЗ Тетово ќе почне со производство оваа есен

Производството во македонско-холандската компанија „Глас глекс“ во ТИРЗ Тетово се очекува да почне најдоцна оваа есен, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Станува збор за македонско-холандска компанија, која веќе почна со градба на објектот, а според плановите, се очекува да инвестира 9 милиони евра и да вработи 300 лица во наредниот период.

„Јас се надевам дека и ‘Глас флекс’ за скоро време ќе се придружи на групата успешни компании кои придонесуваат во економскиот раст, зголемување на извозот, рамномерен регионален развој, креирање нови работни места и раст на странските инвестиции во Република Северна Македонија. Воедно би ја искористил оваа можност и да ги повикам компаниите да ги користат бенефициите од Планот за економски раст и мерките кои предвидуваат поттикнување на развојот на компаниите“, рече Бектеши.

Менаџерот на проектот, Гоце Пешов, објасни дека во ТИРЗ Тетово од страна на Друштвото за производство и трговија „Глас флекс“ се гради индустриски комплекс за производство на калено, ламинирано и други видови специјални стакла.

„Објектот содржи производствена хала и простор за администрација со површина од 9.000 метри квадратни. Израдбата почна кон крајот на 2018 година, а градежните активности се планира да се завршат до крајот на месецот. Во август ќе се постават инсталациите во објектот. Машините се од Финска и Шпанија, а ќе се монтираат во август“, истакна Пешов.

Планирано е производството да почне во октомври, а како што открива менаџерскиот тим, најголем дел од производството е наменето за извоз – 80%, додека 20% за домашниот пазар.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!