За државниот сектор нема криза: Бројни огласи за нови вработувања со висока плата

Додека приватниот сектор се мачи да го задржи, па понатака и да го прошири својот кадар, во државниот сектор немаат таков проблем. Повеќе државни институции деновиве објавија огласи за нови вработувања, некои и со прилично високи плати. Дали јавниот сектор останува и понатаму најпривлечна дестинација за вработување, особено на заслужни кадри?

Најголемите среќници ќе бидат оние во Агенцијата за цивилно воздухопловство, таму раководителот на Одделението за пловидбеност ќе има плата од 117 илјади денари, вишиот соработник над 45, а советникот 48 илјади.

Центарот за управување со кризи бара 7 вработени, од раководители, референти, соработници и други профили, платата се движи и до 38 илјади денари. И сродната институција – Дирекцијата за заштита и спасување ќе прима луѓе, таму ќе се вработат осуммина, соработници и раководители, овде ќе има плати до 28 илјади.

Се екипира и Агенцијата за примена на јазикот, најавила дека ќе прими 13-мина, се бараат државни советници – преведувачи и лектори, раководители на одделенија, и други кадри. Платата повеќе од одлична, највисоката е дури 38 илјади денари.

Со двајца ќе се поднови и Турскиот театар во Скопје, платата до над 27 илјади денари. Агенцијата за вработување, пак, бара петмина, раководители на регионалните центри за вработување, сите ќе имаат плати по над 28 илјади денари.

Со тројца кадри ќе се екипира и Агенцијата за супервизија на осигурување, соработници и советници, плати до 41.600 денари. Двајца нови ќе се примаат и во Агенцијата за енергетика, плата до 25 илјади денари.

И додека јавниот сектор забрзано се полни, власта и понатаму најавува реформа на администрацијата – вишокот вработени таму да бидат преземени од приватниот бизнис. Од ССК веќе предупредија дека за ова ќе биде потреба длабока анализа, а ќе мора да се решат и отворените дилеми – дали и какво образование и вештини поседуваат овие вработени за да се атрактивни за приватните фирми, кој ќе ги обучува и кој ќе го плати тоа.

-Воедно, со исклучок на одредени сектори, платите во јавната администрација се во просек повисоки од платите во приватниот сектор, велат од ССК.

Претприемачите и бизнисмените во Македонија се жалат дека со даноците кои ги плаќаат финансираат скапо платена јавна администрација која е неефикасна. Со други зборови за малку завршена работа добиваат многу високи плати за македонски услови. Исклучоци секако постојат, но исклучоците го потврдуваат правилото, ако сакаш да си солидно платен а малку да работиш вработи се државно, се жалат бизнисмените кои се незадоволни и од услугите што ги добиваат од државниот сектор.

error: Content is protected !!