Текстилната индустрија е пред колапс во Македонија

Нарачки од странските партнери има сè помалку, но и за таа работа што ја имаат, текстилните фабрики тешко наоѓаат работници, пишува vecer.press.

Здружението за текстилна индустрија при Стопанската комора, предупредува дека последнава година проблемот со намалување на бројот на вработени во овој сектор станува алармантен, бидејќи падот на вработеноста изнесува големи 5,6 проценти. Статистичките податоци покажуваат дека сега во текстилната индустрија се ангажирани околу 35.000 лица.

Сопственици на текстилни фабрики велат дека поради ова малите претпријатија , кои ги има претежно во источниот регион во последно време масовно се затвораат, а опстануваат оние кои имаат традиционални странски партнери. Познавачите на состојбите во текстилната индустрија набројуваат три причини за осипување на работната сила. Од една страна, работата е тешка, а слабо платена, па младите се ориентираат кон други струки.

Од друга страна, оние кои се обучиле во домашните фабрики за малку повисока плата бегаат во фабриките на странските инвеститори во индустриските зони, кои работат со текстил. Не помалку алармантна причина е и тоа што младите кои би можеле лебот да го вадат зад машините за шиење заминуваат во странство, каде што не пребираат работа, бидејќи во секој случај се многу подобро платени. Според неофицијални податоци вработените во текстилната индустрија во моментов имаат многу неповолна старосна структура. Нивната просечна старост е околу 45 години.

Според Димитров, проблемот со падот на нарачките е изразен откако пред две години се зголеми минималната плата, која за сите вработени во државата сега изнесува 12.000 денари, што во однос на претходното ниво во текстилната индустрија е зголемување за околу 4.000 денари.

-Странските компании сега производството го селат на Далечниот исток. Работењето во Бангладеш, Пакистан, Индија… сега им е поевтино, зашто таму и работната сила е помалку платена отколку кај нас, вели Димитров.

Тој посочува дека шанса за понатамошна соработка со странските нарачатели имаат само текстилните фабрики кои го автоматизирале производството и со тоа ја зголемиле продуктивноста на трудот. Но такви се малку и тоа главно го постигнале со државни субвенции.

Во текстилната индустрија во нашата држава генерално се работи според лон, односно се прават доработки. На лон отпаѓа над 99 проценти од производството, па токму затоа оваа индустрија е зависна од нарачките од странство.

error: Content is protected !!