Македонија ќе воведе данок за јаглероден диоксид на автомобили
Воведување данок на возила и зголемување на надоместоците кои се плаќаат при увоз на стари возила, се дел од мерките кои се предвидуваат за намалување на емисијата на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина во земјава, предвидени со новиот закон за животна средина, кој е во владина процедура.
Изготвувачите на законот очекуваат новите мерки треба да влијаат кон постепено заменување на возниот парк, особено во делот на зголемување на надоместоците кои се плаќаат при увоз на стари возила, имајќи предвид дека транспортот, заедно со енергетиката, отпадот и градежништвото е еден од најголемите загадувачи во земјава.
Иако за државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска ова е непопуларна мерка, но нема сериозно да ги загрози социјалните услови на населението, но ќе даде сигнал дека увозот на стари возила придонесува негативно на загадување на воздухот и климатските промени.
– Наскоро во владина процедура ќе влезе и закон за данок на возила. Тој закон го заменува Законот за акцизи, според кој акцизата се плаќаше според вредноста на возилата, а сега во формулата е вклучен и факторот на СО2 емисиите. Тоа значи дека со овие мерки ќе се влијае на постапно заменување на возниот парк. Приходите од овие зголемени такси ќе одат во насока на зголемување на инвестициите за намалување на климатските промени – вели Петровска.
Таа напомнува дека првпат произлегува дека користењето на јаглен во РЕК Битола, еден од големите учесници во вкупната емисија на стакленички гасови, веќе не е одржливо. Петровска појаснува дека со примена на мерките за контрола на емисиите и воспоставување на јаглеродна такса излегува дека пенетрацијата на обновливите извори и на гасот ќе значи многу поодржливо решение и постепено јагленот ќе се исфрла од употреба.
– Декарбонизацијата не значи оптоварување на економијата туку значи подобра, поодржлива економија и со новите технологии и со иновациите кои се многу значајни во делот на климата ќе имаме можност за генерирање на нови работни зелени места – вели Петровска.
Според неа, земјата е подготвена за воведување на јаглеродната такса, која како мерка се применува во земјите, особено во развиените земји, бидејќи вели, економските инструменти се еден вид алтернатива на командите, кои се дефинираат како забрани и се покажале како многу успешни.