Алсат: На дел од најголемите државни фирми ќе им треба повеќе од 500 години за да го вратат вложениот капитал
За да го вратат вложениот капитал, на дел од најголемите државни фирми ќе им треба повеќе од 500 години, пишува Алсат.
Центарот за граѓански комуникации го објави најновиот извештај кој покажува дека од 2015-та до 2018-та просечната стапка на профитабилност на компаниите под државна капа изнесувала минимални 5,9 отсто, а оптимално таа би требало да биде 10%. Приходите на најголемите триесет државни фирми во последниве четири години се намалиле за дури 35 отсто. Главна причина за ваквите податоци, според невладиниот сектор, се партизацијата, непотизмот и нестручноста на кадарот кој работи во државните фирми.
„Ова се претпријатија коишто формираат дури 7 проценти од БДП-то на земјата, а кои вработуваат околу 28.000 луѓе и станува збор за сериозно голем комплекс на компании. За жал, финансиските индикатори на овие компании заостануваат зад оние профитните…“, вели Павле Гацов, Здружение на даночни советници.
Податоците за претпријатијата се поразителни и во делот на плаќање на своите обврски. Во просек тоа го прават на 514 дена, па затоа приватниот сектор не сака да работи со нив. Како една од послабите особини на државните фирми е и тоа што им требаат во просек по 265 дена за да си ги наплатат услугите.
Анализата е направена на пет финансиски индикатори кои се добиени од годишните сметки на државните фирми. Се „чешлале“ податоците за профитабилност, ефикасност, финансиска стабилност, економичност и ликвидност на претпријатијата.
