Започна производството во леарницата „Крaнфилд Фаундри“ во која ќе се леат делови за автомобилската индустрија
Леарницата на компанијата „Крaнфилд Фаундри“ во новата индустриска зона Неокази во Пробиштип официјално почнува со работа. Во леарницата треба по европски еколошки стандарди и со високо-автоматизирана технологија да се леат делови за автомобилската индустрија.
Инвестицијата е околу 15 милиони евра, а се очекува етапно вработување на околу 300 лица. Во првата фаза е предвидено вработување на 150 лица, од кои 50 работни места се за лица со високо образование.
Леарницата се простира на површина од околу осум хектари, а се состои од производствен погон и административна зграда на вкупно 15 илјади метри квадратни.
Премиерот Зоран Заев рече дека сопственикот има намера да вложи дополнителни 15 милиони евра за експанзија на компанијата во нови капацитети и производи.
„Тоа ќе го зголеми бројот на нови работни места во фабриката и претставува огромен придонес за општината и регионот. Од сегашните 58 вработени, вкупниот број планирани вработувања кога целиот инвестициски проект ќе заврши, ќе изнесува 300. Тоа е сериозна шанса за граѓаните, за младите од општината, кои со овие перспективи на ‘Кранфилд фаундри’ добиваат реални можности да се школуваат, да се остручуваат и да се вработат дома, во своите родни места. Уште една голема причина за тоа е и просечната плата во „Кранфилд фаундри“, која денеска е повисока од просечната плата на државно ниво со потенцијал за уште поголем раст“, нагласи Заев.
