Администрацијата ќе добива К-15 и платено отсуство до седум дена заради лични околности
Владата на Република Македонија на денешната 6-та седница ја разгледа и усвои Информацијата и го утврди текстот на Гранскиот колективен договор на органи на државната управа, на стручните служби на Владата на Република Македонија, на судовите, јавни обвинителства, казнено – поправни и воспитно – поправни установи, на државното правобранителство, на единиците на локалната самоуправа, агенции, фондови и центри за социјални работи и други органи основани од Собранието на Република Македонија.
Владата на Република Македонија го овласти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да го потпише Гранскиот колективен договор со репрезентативниот синдикат УПОЗ.
Ова ќе биде прв Грански колективен договор за административните службеници и правосудните органи после 1995 година, со кој администрацијата се стекнува со право на К-15, дневници за трошоците за превоз и трошоците за ноќевање за службени патувања во земјата на кои до сега немаа право, се утврдува право на денови на платено отсуство заради лични и семејни околности и тоа до седум работни дена во годината, правото на неплатено отсуство, како и други права на работниците и обврски на работодавачите, стои во соопштението на Владата.
Засега нема информација колку пари ќе ги чини даночните обврзници, давањето на К-15 на државната администрација. За потсетување Собранието во октомври минатата година по скратена постапка ги донесе измените на Законот за исплата на платите со кој се овозможува зголемувањето на платите за 5% на државната администрација.
