ММФ предвидува пад од 4% за македонската економија оваа година
Најновата проекција на ММФ е дека македонската економија годинава ќе има пад од 4 проценти, но за следната предвидува раст од 7 отсто.
Во извештајот објавен вчера, ММФ наведува дека Владата брзо одговори со целни мерки и со привремена фискална поддршка за да се амортизира социјалниот и економскиот удар од кризата и да се заштити ликвидноста на компаниите, да се зачуваат работните места и да се помогне на невработените и најранливите категории граѓани, додека Народната банка ја намали основната каматна стапка и направи измени во регулативата за да овозможи на комерцијалните банки да го реструктуираат долгот на компаниите и граѓаните.
– Владата останува цврсто посветена на заштита на стабилноста на монетарниот и финансискиот сектор и презема соодветни мерки што би биле неопходни, наведуваат од ММФ и додаваат дека Владата изрази силна заложба штом ќе заврши кризата од COVID-19 да спроведе структурна реформска агенда за опоравување од кризата.
ММФ, како што стои во извештајот, останува подготвен да ја поддржува Македонија во борбата со пандемијата и опоравување на економијата.
Се додава дека земјава побарала од ММФ 176 милиони евра и дека ММФ оценува дека земјата е во можност и има капацитет да го сервисира долгот.
За јавниот долг на државата наведувадека останува одржлив но оти има зголемени ризици.
Во најновиот извештај ММФ предвидува пад на сите економии во регионот. Во Црна Гора и Хрватска од 9 отсто, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово од 5 отсто, Бугарија 4 и Србија 3 отсто.
За 2021 година проекциите за земјите од регионот се дека растот на БДП ќе се движи од 3,5 до 8 отсто.
ММФ предвидува највисок раст следната година од 8 отсто да има албанската економија, потоа Србија и Косово со 7,5, следи нашата економија со 7 отсто, Црна Гора со 6,5 отсто, Бугарија со 6, Хрватска со 4,9 отсто и Босна и Херцеговина со 3,5 отсто.
