Македонија има пад на извозот од 23,8% во првите четири месеци
Извозот од земјава во првите четири месеци од годинава бележи пад од 23,8% во однос на тој период лани, објави Државниот завод за статистика. Објавените податоци покажуваат пад и на увозот за 19 отсто.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 1.782.502 илјади американски долари, додека вредноста на увeзената стока изнесува 2.522.698 илјади американски долари. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2020 година, изнесува 740.196 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз, изнесува 70,6%.
Во овој период најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу биле застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – април 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.
