Qualcomm го купува NXP Semiconductors за 47 милијарди долари
Американскиот Qualcomm најголемиот произведувач на чипови за мобилни телефони ќе ја купи холандската NXP Semiconductors за 47 милијарди долари, со цел да го забрза влезот во новите индустриски сектори и да ја намали својата зависност од пазарот на паметни телефони.
Qualcomm со седиште во Сан Диего, се согласи да плати 110 долари во готовина по акција за NXP Semiconductors, најголемиот добавувач на чипови кои се користат во автомобилската индустрија, што е за 11% повеќе од цената постигната на затворањето на берзата.
Договорот ќе се финансира со расположливите готовински средства на Qualcomm како и со емисија на нов долг, јавува Bloomberg.
Главниот извршен директор на Qualcomm, Steven Mollenkopf, смета дека овој договор, најголем во историјата на индустријата на чипови, ќе го забрза влезот на неговата компанија во растечкиот пазар на автомобилската електроника.
NXP Semiconductors чие седиште се наоѓа во Ајндховен, е силен играч во тој сектор откако минатата година ја купи компанијата Freescale Semiconductors.
Ова купување е Qualcommov одговор на успорениот раст на побарувачката за паметни телефони, од каде доаѓаат најголем дел од приходите во компанијата.
Qualcomm предвидува дека двете компании, каде нивните заеднички приходи ќе изнесуваат повеќе од 30 милијарди долари, ќе имаат производи кои можат да донесат продажба на пазарот во вредност поголема од 138 милијарди долари до 2020 година.
Американската компанија прогнозира дека за две години, Qualcomm ќе оствари 500 милиони долари на годишно ниво заштеда на трошоци.