Законска регулатива за стартапи

Македонскиот стартап еко систем

Во последните неколку години, особено 2015 и 2016 заживува македонската стартап сцена. Пример за тоа се: Fueloyal, Branister, Letz, Daris Inzinering, Gordian Sistemi и многу други. Се подобруваат условите за отворање на свој иновативен бизнис, што е овозможено благодарение на неколку аспекти:

-Пристап до финансии; (ФИТР, ЦЕЕД клуб на БА, СЦВ – фондот, како и останати извори на финансии од кои може да се добие различен износ на парични средства за бустирање на стартапот ). Денес може да се дојде до финансии за иновативната идеја без хипотеки, меници, жиранти и извршни клаузули. Доволно е комисијата да биде убедена дека вашиот продукт има потенцијал да прерасне во бизнис кој за почеток ќе биде самоодржлив, а во иднина ќе остварува добивка.

-Олеснување на вмрежувањето; (Стартап Македонија) млада асоцијација на стара заедница која веќе постоеше. Стартап Македонија може да ве поврзе со клучни чинители на стартап сцената во зависност од тоа дали имате потреба од финансиска подршка, правна подршка, сакате да запознаете некој од основачите на стартап во РМ, имате потреба од дизајнер, програмер итн.

-Акцелератори, Хабови, Co-working простори (Сивус инкубатор, ЦЕЕД Хаб Скопје, Њу менс БА, Кофис и многу други) кои нудат различни програми за акцелерација, инкубација итн.

–  Зголемен број на настани поврзани со развивање на стартап сцената, зголемен број на странски асоцијации кои обезбедуваат подршка за македонските стартапи и уште многу ресурси кои се на располагање, а кој не постоеле отсекогаш.

Законска регулатива за стартапите во РМ

Законот за трговските друштва кој регулира определен аспект од работењето на Друштвата (вклучувајки ги и иновативните стартапи) е влезен во сила во 2004та година, со неколку последователни измени во наредните години.

Станува збор за Закон кој е донесен во година во која ниту еден од горенаведените ресурси не постоеше.

Иновативните стартапи, од причина што немаат доволно парични средства да се основаат како акционерско друштво, се основаат како друштво со ограничена одговорност каде постојат строги и крути услови во релација на односи помеѓу сопственичката структура. Односите меѓу содружниците се регулирани со строги критериуми што создава крутост за развитокот на еден иновативен стартап.

Иновативните стартапи бараат пофлексибилна законска рамка која ќе ги регулира сопственичките односи, бидејки целта не е да останат сопственици на компанијата засекогаш, туку да ја развијат, да се рашират и да ја продадат. Целта на инвеститорите исто така, не е засекогаш да останат во компаниите во кои инвестираат, напротив, имаат потреба полесно да располагаат со својот удел и да влегуваат и излегуваат од сопственичката структура на не толку крут начин, како што е предвидено во ЗТД.

Имено, ова е само дел кој е потребен да се дерогира и да се прилагоди согласно потребите на иновативните стартапи.

Потребна е сертификација и акредитација на бизнис ангели, односно воведување на определени критериуми во однос на тоа кој може да биде бизнис ангел и какви законски поттикнувања и олеснувања добива доколку инвестираат. Сертификација и акредитација на инкубаторите, акцелераторите и акцелераторските програми.

Односно, потребно е комплетно да се регулира оваа област и сите чинители кои се дел од неа.

Компаративни решенија

Невозможно е да се прават суштински измени во Закон за трговските друштва, бидејки се руши целиот концепт на работа на постојните Друштва на кои им одговара таков начин на работа. Концепт кој е прифатен и во другите земји и се работи на востановениот начин како и во Р.Македонија.

Она што е возможно (а е имплементирано во дел од Земјите во ЕУ), е носење на посебна Законска регулатива која ќе се однесува само на чинителите во оваа област и ќе биде сработена согласно потребите и потенцијалите кои ги имаат овие бизниси.

Р.Италија веќе донесе комплетно нова регулатива со која е воведена стартап виза, уделот – како начин за стимул и компензација на вработените и консултантите, даночни олеснувања за иновативните стартапи и инвеститори, друштвата со ограничена одговорност можат да нудат удел преку јавен повик (налик сукцесивното основање на АД од ЗТД), олеснување на постапката и намалување на цената за ликвидација и стечај итн.

Р. Естонија, исто така воведе стартап виза и креираше интернет платформа за добивање на е-државјанство, што претставува преседан и уникатно решение. Странци во Р. Естонија можат да основаат друштво и да започнат да го водат својот бизнис таму со неколку клика на интернет.

Неодамна и Р. Латвија се приклучи кон овој бран на Земји кои носат нови решенија или комплетно нови регулативи за оваа област. Новите решенија беа издејствувани од страна на Асоцијацијата Стартап Латвија по само една година постоење (што го покажува огромниот импакт кој треба да го има и Стартап Македонија во иднина).

Што во идинина?

Р. Македонија е во фаза во која треба да почне да се зборува пошироко и почесто за регулирање на оваа област. Потребно да се подготви терен за носење на посебен Закон за иновативни стартапи. (Се направи добар чекор со Законот за иновациска дејност со кој е основан Фондот за иновации и технолошки развој). Со регулирање на оваа област дополнително ќе се поттикнат претприемачите и останатите чинители да дејствуваат во правец на развиток на стартап екосистемот во РМ, со надеж дека ќе постигнеме да бидеме во чекор со останатите Земји на полето на иновации.

Дејан Алексов, основач на Адвокатска канцеларија Алексов, ко/основач на Стартап Македонија

error: Content is protected !!