Реалност на претприемништвото

Успешно водење на компанија во период кој е изразено динамичен и променлив, претставува врлина која е поблиска до уметноста отколку до класичен бизнис. Менаџерите се соочуваат со огромен број на секојдневни одлуки кои го трасираат успехот или неуспехот на компанијата која ја водат.

Во последната деката особено со брзиот развој на ИТ компаниите во светот, трендот “претприемништво” е во континуиран раст, што од една страна претставува позитивен тренд, но од друга ги измести основните гледишта за начинот на водење бизнис каде “претприемачите” имаат желба за брзо збогатување без многу работа.

Разгледувано статистички повеќе од 90% од новооснованите претпријатијата не ја дочекуваат третата година од своето постоење, што означува дека компаниите најмногу “паѓаат” на краток/среден рок.

Без изработено истражување, субјективна перцепција на авторот е дека претприемачите при основање на нова компанија, сметаат дека работните обврски и работното време ќе е пократко отколку при работа во друга компанија што во 99,9% од ситуациите е погрешно стојалиште.

Вистинската тежина на управување со една компанија е многу покомплексна од тоа што најчесто се прикажува. Вработени, продажба, наплата, маркетинг, комуникација на производи, законска регулатива, задоволство/незадоволство на клиентите и вработени, сметководство, финансии и уште многу други аспекти на “компанискиот живот”, секојдневно бараат од менаџментот посветување и управување.

Сите претходни активности се тековни односно секојдневни, доколку на нив се додадат и сега веќе нормалните, развој на нови производи, континуиран R&D (Research & Development), проширување на нови пазари, нови активности, нови процеси, обука на вработени, вработувања се добива еден сет од активности кој е уметност да се управува.

Според тоа, конзумацијата на времето на претприемачите и извршниот менаџмент на компанијата е многу повисок споредбено со стандардно вработување. Креирањето на стратегија автоматски повлекува многу поголем ангажман и работа за нејзино реализирање.

Растот и развојот на компанијата односно каде истата би се позиционирала за 3 – 5 години зависи, особено кај малите претпријатија, директно од способностите, капацитеот и образованието на претприемачот односно менаџерот на компанијата. Од една страна е неговата визија за компанијата, но од друга се неговите способности истата да ја реализира.

Стратегијата е единствениот “спас” кој ги насочува целокупните напори на компаниите за постигнување на одредена цел. Без соодветна стратегија на краток, среден и долг рок постигнувањето на целите е само желба на претприемачите и извршните менаџери. Истата дава точна насока и активности кои треба да бидат извршени, за пред се најефикасно искористување на времето и потоа на сите останати ресурси. Времето е се пократко, и во единица време за разлика од минатото се извршуваат многу повеќе операции и активности.

Под управување со времето означува целокупна оптимизација на се што работи компанијата за максимално ефективно искористување на единица работно време.

Се уште во свеста на претприемачите и извршните менаџери како ресурс со највисоко влијание врз работењето е готовината односно финансиските средства, што и донекаде е точно, но доколку се анализира детално, времето (дефинирано како во претходниот пасус) е убедливо ресурсот кој има најголемо влијание врз работењето на компанијата.

Треба да се напомене дека за растот на компанијата има голема улога и големината на земјата во која истата работи и финкционира. Интензивен раст и интернационализација не е невозможна од мала економија (Р.Македонија), и истото претставува многу поголем предизвик, за разлика од истите активности да се извршуваат пример во економија како САД.

Колку од претприемачите се припремени за сите претходно наведени аспекти? Колку и од тие што се психички спремни се теоретски и практично упатени? Дали се подготвени за психолошката “тортура” на водење на бизнисот?

Субјективно, проблемите настануваат бидејќи претприемачите во поголем дел од ситуациите се неупатени во професионално управување на компаниите. Постои голем јаз помеѓу реалноста и фикцијата кај претприемачите во Македонија. Практично младите кои сакаат да отворат свој бизнис имаат желба да конкурираат на најголемите пазари (каде и сите од сите земји и националности конкурираат) без никаква стратегија, знаење и искуство. Доколку на претходното се додаде и пристапот до финансии и капитал, треба ФЕНОМЕНАЛНА стратегија за успех.

123123Автор: Сергеј Зафироски

Сергеј Зафироски, основач и генерален менаџер на агенцијата “Инсајдер ИД” специјализирана за квантитативни и квалитативни истражувања на пазари и стратегиски маркетинг, а работи на пазарите во Македонија и Бугарија.

error: Content is protected !!