Медиуми – Стартапите се фокусирани на развој, а не на публицитет!

Стартап сцената се развива, но, каде се стартапите, кои се,  дали напредуваат, колку се „видливи“ во јавноста. За таа работа се медиумите, а тие, пак, треба да ја пренесат нивната приказна. Медиумите ја имаат клучната улога во поддршката на стартап сцената. Мораме да бидеме некаков вид на партнери на младите претприемачи и стартапите за да можеме да ги охрабриме и поттикнеме, затоа што секогаш кај нив постоел стравот  дали е потребно да излезат во јавност, дали се подготвени за тоа итн. Да се радуваме што од година во година имаме млади луѓе, нови луѓе, нови имиња и нови  идеи коишто се развиваат, кои се надежни и кои очекуваме понатаму да растат и да имаме  и  производи, откако ќе основаат компании.

Потребно ли е да бидат застапени во јавноста, да се знае за нивните подвизи, за нивните храбри чекори да влезат во новите подвизи?

Но, дали некој и ги прашал за да го раскажат своето бизнис патешествие?

Можеби и не треба  да очекуваме нешто повеќе од она што сега го имаме како состојба затоа што целата работа е на почеток, сепак говориме за нешто што последните години стана атрактивно и меѓу младите луѓе и меѓу иноваторите и меѓу оние кои ќе се охрабрат да навлезат во некаков бизнис или да навлезат во бизнисот и да започнат да реализираат некоја своја идеја и иновација. Мислам дека треба да бидеме среќни што работите се придвижуваат,  што од година во година веќе имаме добри иницијативи за поддршка на вакви млади бизниси, или стартапи со нови идеи кои ќе ни дадат надеж дека понатаму ќе се развива целата работа  и приказната за стартапите.

Ако говориме од аспект на тоа зошто ги нема во медиумите и дали ние сме тие кои треба да ги охрабриме и да им ја дадеме шансата.

Искуството покажува дека кај нив постои оној очекуван страв, затоа што сепак, во таа борба да се создаде нешто ново, да се дојде до некој кој ќе обезбеди финансии,понатаму процесот да се претставиш пред јавноста, па понатаму да те разберат сериозно.

Кога станува збор за млади луѓе, велат ние имаме проблем да не разберат сериозно. Така што, наоѓајќи се во една ваква состојба, имаме уште многу да работиме на оваа тема и во оваа проблематика, а  нашата улога како медиуми тука е клучна. Ја имам таа среќа што лично можам да го правам тоа и секојдневно го правам, медиумски  да ги поддржам, охрабрам  и истакнам нивните приказни,почетоци, успеси. Но, да не бидам од малкумина што го прават тоа, треба да се заложиме многу повеќе медиумите да ги имаат во фокусот токму нашите млади луѓе кои се охрабриле и се обидуваат да направат нешто ново и конкретен македонски производ со кој ќе бидеме најсреќни ако тој стигне некаде во светот.А, имајќи во предвид дека ова е тема во која имаме напредни технологии, ИТ технологии, апликации и сл. тие и ќе стигнат некаде во светот.

Затоа, нашата улога како медиуми е клучна, секогаш треба да ги поддржиме и да дадеме шанса да ги истакнеме како позитивни примери на оние кој во овој момент колку и да бидат 5-10 или помалку затоа што ако дадеме шанса и ги поддржиме и ги покажеме како позитивни примери сигурно дека и останатите кои можеби се во дилема, размислуваат и како млади луѓе ја немаат онаа храброст да ја искажат својата идеја, ќе бидат многу похрабри и помногубројни.

Доколку не ги истакнуваме позитивните примери, ќе се чувствуваат осамени, препуштени сами на себе, а уште пострашно ќе биде што можеби и ќе ги обесхрабри и поколеба во намерата за реализирање на некоја своја идеја.

А, кога сме кај темата како да ги поддржиме стартапите како медиуми и како стартапите да стигнат во јавноста и до публицитет, како да се доближат до медиумите или што им е потребно за да привлечат внимание во јавноста. Дали тоа е потребно или не, дали ќе им помогне?

Како сугестија или она што треба да го знаат од нас е фактот што пред се треба да комуницираат со нас, значи мора да започнат да ги градат релациите, што подразбира дополнително информирање на медимуите, а во таа комуникација таа соработка би подразбирала едукативен дел, вклучување во повеќе едукативни форми на дружење, затоа што на таков начин ќе започнат да ги градат оние потребни релации кои ќе им помогнат понатаму во комуникацијата, но и во довербата што треба да ја изградат со новинарите,затоа што преку ноќ не можат да стигнат никаде, а во таа почетна фаза во која што се тие имаат многу поголеми задачи кои треба да ги направат, додека да дојдат до оној момент на објава во медимуите, тоа засега им е ставено во втор план, се чувствуваат како не доволно подготвени  да излезат во јавноста. Затоа, би ги охрабрила да комуницираат со нас медиумите. Точно дека медиумската застапеност им е во втор план, во фаза кога се фокусирани на креирање добар производ, услуга, отколку да ги има во медиумите.

Друго е прашањето што тие воопшто не работат на ангажирање професионални маркетинг агенции кои  би работеле на нивното етаблирање или појавување во јавноста за да го презентираат својот производ. Што значи се е на почеток, во почетна фаза и треба и понатаму да се работи многу повеќе, на градење релации со медиумите.

И можеби ќе помислиме, да но за тоа е потребно да се плати, потребно е и да се одбере кој медиум, каков медиум, дали местото е во „оној“ или „овој“ медиум – да оправдано е и таквото размислување кога состојбите во медиумскиот простор се такви какви што се, но сметам дека на многу медиуми, колку и да размислуваат комерцијално, ќе им биде  задоволство барем еднаш да дадат поддршка, преку објава дека се создал и има шанси да успее новиот македонски стартап бизнис.

Што се им е потребно на стартапите за да повеќе ги видиме, читаме, слушаме за нив?

Она што го велат експертите по маркетинг, а можеби ќе им помогне е дека не смеат да се фокусираат само на една форма на маркетинг, кога говориме за стартапите, праксата покажува дека најлесно им е да одат преку социјалните медиуми затоа што тука се најсилни, тоа им е бесплатно и тука можат да постигнат најголем ефект според нивното размислување. Ако тргнам од позиција на она што стручно го кажуваат експертите по маркетинг  или луѓе кои работат во маркетинг сферата. Маркетерите велат дека мора да работат на сите полиња на сите фронтови, да не се фокусираат на социјалните мрежи и тие медиуми, сметајќи дека со тоа ја завршиле работата, постојано да работат на сите полиња, да одржуваат средби одвреме навреме со медиумите, не се секогаш во прашање големи финансии за да се подготви комплетно маркетинг стратегија, ќе прилагодат на можностите и формата што сакаат да ја постигнат во јавноста, но да  ги има континуирано  и да ги има во различни форми на маркетинг.

И ако се стави во неколку точки за да резимираме, водејќи се од оптимизмот и сознанијата кои ги стекнувам од комуникацијата со претприемачите и младите луѓе кои се обидуваат да навлезат во светот на бизнисот, можеме да очекуваме многу нови современи и иновативни македонски компании во иднина.

А, ако малку се зафатам на делот со нивните состојби, како се чувствуваат на почетокот, од искуствата со нив, сите претприемачи имаат иста историја, ист почеток кога  ја започнуваат својата историја, а таа се состои во фразата:  „на почетокот никој не веруваше во мене“. Токму тука да ја започнеме промената и да речеме: сите веруваме во вас. Жените  претприемачи, секогаш  ќе речат, да не беше семејството, немаше да успеам, јас ќе речам треба да биде и семејството и најблиските и државата преку своите институции, проекти и политики, но треба да бидеме и ние медиумите.Можеби ќе заклучиме, има специјализирани портали, емисии, зошто сите би се занимавале со стартапите кои и така се само една проба, неизвесност и ризик, нешто што е прашање на време дали ќе успее, опстои, ќе се позиционира, ќе креира производ, услуга и вредност. Но, мораме да им веруваме, да бидеме нивни поддржувачи. Ајде да бидеме со нив, ајде да ги храбриме и да им дадеме шанса да успеат. Тие се нашето утре, нашите економски мотори, економскиот потенцијал кој го имаме.

И додека ние сме уште на оваа тема, и ја засилуваме стартап сцената, и уште зборуваме за поддршка, а претприемачите „молат“ за финансиска помош,  светот отиде далеку, а ние како да останавме таму некаде далеку, сами и осамени, тука повеќе мислам на претприемачите. На оние кои сепак, тука, односно ,„таму далеку“  успеале да соберат храброст и мотивација, да бараат начин да го остварат својот претприемачки сон. И запознав многу такви млади луѓе, секој ден доаѓам до некој нов бизнис и се радувам како мало дете, зошто тоа ми дава надеж дека и тука може да се успее. Она што е нивен сон е да бидат некаде во светот, да успеат да продадат, да станат глобални играчи. И тоа е добро. Дел од нив и успеваат, што го потврдува силниот потенцијал и големиот капацитет. Особено, сум среќна што тие млади луѓе се толку успешни, а успешноста им се верификува во странство.

Затоа, да бидеме нивни поддржувачи, зарем не е време.

Јас повикувам, пишете, јавете се, барајте, ние сме тука.

м-р Марија Георгиевска

уредник и водител на економската емисија „ПРОФИТ“-Наша ТВ

error: Content is protected !!