Зошто на македонската економија и се пишува црно?

БДП кој мери единствено потрошувачка на граѓани, компании и влада (плус/минус трговска размена) покажува дека 70% од БДП на Македонија го прават граѓаните. Тоа го вели заводот за статистика, и тоа значи дека дури ни драстично намалување на даноците нема на краток рок да донесе значајно економско опоравување и поквалитетен животен стандард. Тоа е КАТАСТРОФА!

Новата влада планира да го зголеми растот на БДП во 2018 година, ама сметајте дека бројките во 2018 ќе бидат компарирани со 2017 во која БДП паѓа со -1,8% . Единствен сектор (ако е тоа воопшто некаков сектор) кој бележи раст во 2017 година, е сервисирањето на моторни возила, кое пораснало за помалку од 4%. Се останато е отидено во подебел минус.

И сега гледајте како е самата равенка БДП намерно смислена со цел манипулирање со јавноста: Во 2018 се најавува зголемување на цената на струјата. Тоа ќе доведе до зголемена потрошувачка на граѓаните, и зголемен БДП… со кој владата ќе се фали. Статистички ќе имаме економски раст, а во реалноста ќе имаме поскап живот. Уште ако владата земе некој кредит од странство (а ќе земе) и го списка на партиски “проекти” ќе имаме и зголемено трошење на владата, па БДП ќе порасне уште повеќе … а и долговите околу нашиот врат.

Ако гледаме низ призмата на бизнис циклусите, работите би требало да одат вака: Владата освен намалување на даноците, мора да почне и со масовна дерегулација на економијата. Особено ова важи за финансискиот сектор. Треба да и се одземе правото на НБРМ да издава дозволи за влез на нови банки во Македонија, како и низа други ограничувања на нерезидентите. Штедењето на нерезидентите мора да биде НЕОГРАНИЧЕНО, а не до 2000 евра за физичко лице. Инвестициите кои имаат потенцијал на пазарот, доаѓаат од штедењето, свое или туѓо позајмено за одреден интерес.

Истото важи и за индустријата, каде сеуште постојат дозволи за увоз на преку 800 репроматеријали, дозволи кои воошто не се евтини, а во ЕУ ги нема.Во Македонија постојат илјадници мали погони за производство на хемиски, пластични и прехрамбени производи, кои ќе добијат поевтини репроматеријали. Со тоа ќе станат поконкурентни на меѓународните пазари, ќе го зголемат произвдството и нивните капацитети.

Берзата на капитал мора да се дерегулира, односно да се укине КХВ (Комисија за хартии од вредност) и сите нејзини акти. Берзата е денес практично мртва, особено примарниот пазар на капитал, издавањето на нови емисии на акции со цел проширување на капацитетите, или отворање на нови. Без примарен пазар на капитал, нема пораст на произвдството, додека КХВ со својата “анти-шпекулаторска” параноја, тоа го оневозможува … и тоа многу строго го оневозможува.

Со помали даноци, со повеќе банки кои собираат и нудат повеќе капитал, се помалку дозволи (или најдобро без нив) со помали придонеси (а може и без нив, доколку се избрка доволно јавна администрација па ПИОМ и ФЗМ да се финансираат од буџет) и сето тоа со најавената стабилизација на државата (членство во ЕУ и НАТО) Македонија може да се надева на зголемена побарувачка и поскапување на работната сила, пониски цени и поквалитетен животен стандард. Се друго е претурање од шупливо во празно.

Виктор Трифуновски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!