Американската Gulf Oil ja отвори првата бензинска станица во Македонија
Американскиот нафтен бренд Gulf Oil кој е основан во 1901 година во Питсбург, ја отвoри првата бензинска станица во земјава која е втора на Балканот. Производите од оваа компанија: нафта, нафтени деривати и масла за автомобили ќе се дистрибуираат преку компанија Супертрејд која е една од најголемите во бизнисот со трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива и слични производи во земјава.
“По долгогодишните анализи на пазарот кои ја покажаа потребата од дополнитeлни моторни горива, лубриканти, масла за автомобили и петгодишна подготовка, од оваа година сме ексклузивни партнери на најголемата компанија за дистрибуција на моторни горива во Америка Gulf Oil изјави на отворањето на бензинската станица, генералниот менаџер на Супертрејд, Владимир Стаиќ.
Основачот на компанијата Супертрејд, Снежана Стаиќ, рече дека компанијата вложила многу во исполнувањето на строгите критериуми и стандарди кои ги практикува американскиот партнер пред да стане негов дел.
Според Снежана Стаиќ, влезот на Gulf Oil за македонската економија e имплементирање на највисоките стандарди во дејноста .
“Тоа е една голема странска инвестиција, која донесува највисоки стандарди кои се веќе развиени во светот. Целата оваа инвестиција ќе придонесе и за развивање на идниот бизнис” кажа Стаиќ.
Марио Дадони, претставникот на Gulf Oil изјави дека компанијата има стогодишно искуство, но не застанува во иновативноста и воспоставувањето стандарди, висок квалитет и техничка извонредност на производите. Македонскиот пазар е дел од планираното проширување на дистрибутивната мрежа на компанијата во светот.
“До 2020 година планираме да станеме компанија која ќе се вброи во 10-те светски компании со највисока вредност, производство, профит и најуспешен бренд, компанијата е присутна во повеќе од 25 земји во светот, но има план до 2020 година да биде присутна на 60 пазари. Компанијата Gulf Oil во светот вработува 70.000 луѓе” рече Марио Дадони.