Поголемо искористување на сонцето

Каде е Македонија? Пречки и бенефити од овозможувањето на мрежното мерење

Македонија, за жал, во моментов нема опција со која домаќинствата активно би се вклучиле во енергетскиот систем. Кај нас функционираат само повластените тарифи за компании кои имаат соларни централи и кои со одобрување од Регулаторната комисија за енергетика се овластени произведувачи на електрична енергија од сонце. Меѓутоа, и во овој случај производството споредено со повеќето земји од ЕУ е сосем занемарливо и оскудно. Законот не дозволува домаќинствата (како физички лица) да се вклучат во системот освен како пасивни потрошувачи. И покрај можностите кои ги нуди сончевата енергија, над 250 сончеви дена во годината, овој ресурс е доста слабо искористен иако производството се зголемува од година во година, со што само се докажува неговиот потенцијал.

Така, според енергетските биланси кои ги објавува Државниот завод за статистика, електричната енергија од сонце за само три години е зголемена од 1.173 GWh во 2012 година вкупно примарно производство на 22.599 GWh во 2015 година. Секако, овие гигават часови би се зголемиле со директно вклучување на домаќинствата во производството на електрична енергија, но за тоа најпрво се потребни измени во Законот за енергетика. За разлика од сончевата енергија, производството на електрична енергија од термоцентралите значително опаѓа низ годините. Така, од 4920 GWh произведени во 2012 година, во 2015 година се паднати на 3434 GWh.  Ова е уште еден показател зошто ваквата мерка е потребна за Македонија.

Покрај немањето законско решение, како најголема пречка во моментов е цената на фотоволтаиците (соларните панели) и куповната моќ на населението во Македонија. За  едно домаќинство да може да произведува електрична енергија и таа да ја предава во системот ќе треба да инвестира од 10.000 до 30.000 евра во зависност од капацитетот кој сака да го постави. Овие суми се сепак преголеми за мнозинството домаќинства. Поради тоа, државата мора да го поттикне користењето на сончевата енергија кај домаќинствата со субвенции или на уредите или на двонасочните броила. Исто така, ваквата инвестиција не се исплати при моментална состојба на регулирани цени на пазарот на електрична енергија. Но, кога Македонија ќе го отвори пазарот за сите потрошувачи, што според најавите мора да се случи што поскоро и пред 2020 година бидејќи веќе бесправно го одложи во 2015 година, и кога цените ќе станат поконкуретни, ваквата мерка ќе им помогне и на домаќинствата да си ги намалат трошоците и на системот да ја балансира мрежата.

Оттука, користа од ваквата мерка е огромна, иако треба да се внимава на тоа како ќе се регулира за да се заштити мрежата од преголем напон и да се заштитат потрошувачите кои не ја користат оваа мерка при наплатата, како и да се уредат даночните плаќања на потрошувачите, како ДДВ. На пример, истражувањата во САД покажаа дека економските придобивки од мрежното мерење всушност ги надминуваат трошоците и не наметнуваат значителен пораст на трошоците за клиенти кои немаат ваков систем. Далеку од нето трошоци, мрежното мерење во најголем број случаи е нето корист – за мрежата и за „несоларните“ даночни обврзници. Понатаму, соларната енергија креира значителна јавна корист, бидејќи ги намалува цените на електричната енергија поради редистрибуцијата на поскапите извори на енергија, го намалува загадувањето на воздухот и климата, ги намалува трошоците за мрежата, ја намалува потребата за изградба на повеќе електрични централи за да се задоволи побарувачката во пиковите, се стабилизираат цените и ја промовира енергетската безбедност. Овие избегнати трошоци претставуваат нето корист за даночните обврзници кои не се корисници на сончевата енергија.

За мрежното мерење не се потребни огромни инвестиции од државата

Во моментов, во Македоиија се подготвува нов закон за енергетика кој треба да биде усогласен со ЕУ директивите, поточно да го инкорпорира третиот енергетски пакет во македонското законодавство на оваа тема (ЕУ законодавство проврзано со регулирање на различни дејности во секторот енергетика). Мрежното мерење е едноставна мерка за која не се потребни огромни инвестиции од државата (како споредба само едно модернизирање на РЕ Осломеј би чинело 150 милиони евра) ниту пак странски финансиери. Оттука, ова е вистинското време донесувачите на одлуки во ова поле да го вметнат мрежното мрење во македонското енергетско законодавство и граѓаните како пасивни корисници на енергетските услуги кои малку разбираат од каде доаѓа нивната струја и зошто чини толку, да ги „претвори“ во активни учесници во енергетскиот систем. Потенцијалот за придонес што го имаат е голем и шансата мора да се искористи.

м-р Соња Ристеска

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
[yop_poll id=”4″]

error: Content is protected !!