Да живеат Оф-Шор дестинациите, и нека ги има што повеќе!

Деновиве се појавија документи од одредени Оф-Шор дестинации, на кои можеле да се видат сметките на многу богати луѓе по светот, кои ги кријат своите пари од даночните служби на сопствените држави. Комунистичкиот заклучок кој е масовно присутен по медиумите, е дека ова не било фер, дека успешните бизнисмени, уметници и останатите кои се побогати, треба да ги платат даноците во нивните држави, со што ќе го поделеле богатството со останатата раја. Овој примитивен заклучок, дека богатството на светов е заеднички казан, од кој народот има право да срка колку сака, е наследство на претходниот систем… но и поприлично раширена догма и на денешниот Запад.

Живееме во време, во кое (поготово на Запад) оживува стариот племенски култ на колективизмот, според кој пленот треба се дели подеднакво, со цел племето да опстане на број. Се почести, и се побројни, се и политичките поглавици кои размислуваат на ваков начин. Во САД, во претседателската трка кај Демократите, главна фаца стана Берни Сандерс со неговата пролетерска логика за 90% данок на добивка, со што тој би финансирал мноштво од бесплатни услуги за сите категории граѓани… особено за пазарно неспособните, кои би се товеле во зголемената државна администрација.

Ваквите како Берни Сандерс, владеат со ЕУ веќе поприлично долго време. Европа поради високите даноци има многу помасовна де-индустријализација одколку САД. Финансирајки/субвенционирајки секакви работи како: возење велосипеди, миење раце на работно место, заживување на напуштени места, субвенционирање на секакви неисплатливи проекти и производства, финансирање на секакви НВО гребатори, старт-ап лаборатирии кои никогаш не проработеле, иновативни фондови без иновации, соларна енергија која никако да достигне 1% од вкупното количество елек.енергија, квази-научни институти, како и многубројни тајфи од интелектуални џаболебари и сомнителни филозофи. ЕУ денес се однесува како комунистички конфискатор во доцните 1940-ти години, како лудиот „Батко Ѓоргија“ во народанта песна кој сака да присвои буквално се. Тоа е една од причините зошто луѓето ги селат своите пари по Оф-Шор дестинациите.

Оф-Шоре дестинациите се најчесто мали островски земји, со малку жители, ретко интересни за било какви инвестиции, освен за туризам и банки. И наспроти масовните обвинувања од пошироката јавност, Оф-Шор дестинациите на светот му донеле многу добра.

Доколку сте претприемач во Израел, чии банки знаат да бидат затворени по неколку дена за време на анти-терористичките интервенции, каде ќе ги чувате Вашите пари? Сигурно не во Газа, Египет или Сауд.Арабија. Ќе ги чувате на безбедно место каде даноците се симболични. Доколку имате бизнис во Аргентина, Зимбабве, Боливија, Венецуела, Хондурас, каде домашните валути се нестабилни со децении наназад, и каде Владите повремено се излетуваат со конфикации на штедни влогови…каде ќе ги чувате Вашите пари? Сигурно НЕ во локалните банки!

Доколку живеете во земја под меѓународно ембарго, поради несимпатичноста на Вашиот лидер за некоја голема елита, на кој начин би можеле да вршите меѓународни трансакции? Сигурно не преку постојниот платен промет! Доколку сте дисидент во тоталитарна држава, кој гласно зборува против државната репресија, и надворешната помош ви е единствената егзистенција, како ќе дојдете до Вашите пари? Користејки картичка или чекови поврзани со Оф-Шор сметка! Истото се однесува и доколку живеете во Европа, каде државата ви е ортак во трошењето на Вашите пари.

Стотици милиони луѓе низ светот, кои живеат во делумно или неслободни земји, во земји каде демократијата и безбедноста се често кршливи, или во земји со нестабилна монетарна политика, во земји под ембарго, или едноставно во тоталитарни земји… многу потешко или никако не би преживеале без постоењето на Оф-Шор дестинациите.

Денес околу 30% од светската трговија се плаќа преку Оф-Шор сметки, и тоа се најчесто производи со ниска цена, кои не трпат големи даночни оптоварувања. Тоа се најчесто храната и облеката. Доколку Оф-Шор зоните денес не постојат, како што би сакал Берни Сандерс и неговите другари од Брисел, 30% од светската трговија, поговото храната и облеката, би биле значително поскапи. Тоа е удар врз најсиромашните луѓе, а не помош.

Оф-Шор фирма се отвора многу едноставно. На интернет имате овластени агенти во Софија и Белград кои целата работа ќе ја завршат за Вас, без да патувате било каде. Оф-Шор зоните во Европа повеќе НЕ се функционални. Брисел им воведе 10% данок на Кипар, Лихтенштајн и Луксембург, така што тоа веќе и НЕ се Оф-Шор дестинации. Во игра остануваат: Панама, Кајмански Острови, Британски Девствени Острови, и некои други помалку познати.

Отворањето би ве чинело меѓу 1000 и 1500 долари, и за тие пари добивате регистрација на фирмата со печат, банкарска сметка со или без токен, и дебитна картичка со која ќе подигнувате кеш од било кој банкомат во светот. Понатаму, без разлика на состојбата на Вашата фирма, без разлика дали имате 1.000 или 1.000.000.000(милијарда)долари на сметката вашата Оф-Шор фирма, секоја година плаќате паушал од 300-700 долари (зависно од државата). Други трошоци НЕ ПОСТОЈАТ! Нема годишни извештаи, нема потекло на пари, нема инспекции, нема даноци, нема придонеси, НИШТО! Само годишен паушал, и толку!

Епа сега, нека се размислат македонските фискални власти. Доколку продолжат со зголемување на даноците (а ќе продолжат сигурно) многу е веројатно и македонските државјани да почнат да ги селат своите средства по Оф-Шор дестинациите… и во тоа јас искрено и од срце ги поддржувам.

Виктор Трифуновски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!