Највисоката бруто плата во 2016 година била 2.7 милиони евра
На Македонец во приватното здравство лани му била исплатена највисоката бруто плата во висина од 2.7 милиони евра. Тоа значи дека фирмата за него месечно исплаќала бруто плата од 225 илјади евра.
Најголемиот бонус, пак, исплатен на поединец изнесувал 416 илјади евра на годишно ниво – соопшти УЈП.
Највисоката остварена капитална добивка, пак била во износ од 1,3 милиони евра. Жител на Велес, лани заработил 948 илјади евра од привремено вршење услуги, додека Скопјанец заработил најмногу од дивиденди – 1,7 милиони евра.
Најголемата пензија ја зема еден Скопјанец кој пријавил бруто приход од 30 илјади евра. Најбогатиот пензионер, пак, живее во Струмица. Тој пријавил дека од пензија, но и од други приходи заработил бруто 680 илјади евра.
Според УЈП, Тетовец во 2016-та, најмногу бил во ќар од издавање земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид имот. Тој пријавил заработка од над еден милион евра.
Од авторски права и права од индустриска сопственост најголема заработка пријавил обврзник од Скопје во висина од 280 илјади евра. Еден скопјанец, пак, бил најсреќен во игрите на среќа. Од обложување, играње лото, наградни игри или добивка во казино се стекнал со 447 илјади евра.