Трето поскапување на цената на нафтата за 15 дена

Од полноќ дизелот повторно поскапува, овој пат за еден денар. Ќе се продава за 59 и пол денари по литар. Ова е трета промена на цената на дизелот нагоре за нешто повеќе од две недели. Претходно, уште првиот ден од годинава акцизата се зголеми за 3 и пол денари, а на 25-ти декември минатата година, Регулаторната комисија за енергетика  донесе одлука за раст на цената за половина денар по литар. Трите одлуки придонесоа за скок на цената на дизелот за 5 денари во последниве 15 дена.

Дополнителен удар за возачите е што токму последната цена во декември, непосредно пред да се зголеми акцизата е највисоката цена за цела 2017-та година. Најевтин дизел граѓаните плаќале во периодот од 27-ми јуни до 10-ти јули минатата година – 46 и пол денари по литар. Цената на дизелот што ќе важи од полноќ е за цели 13 денари повисока од онаа што важела во тој период.

Од полноќ за половина денар поскапуваат и ЕУРОСУПЕР 98 и Екстра лесното масло за домаќинство. Од полноќ ќе чинат 68 и пол денари, односно 48 денари по литар. Поскапува и мазутот за 0.7 денари за килограм, додека единствено ќе остане непроменета цената на ЕУРОСУПЕР 95, 66 и пол денари по литар.

Иако Владата се уште тврди дека зголемувањето на акцизата нема да ги поскапи и другите производи, граѓаните се револтирани, бидејќи очекуваат раст на многу видови производи, потег што секако ќе удри врз нивниот џеб.

error: Content is protected !!