Македонија се задолжи 86 милиони евра од ЕБОР

Преку 400 километри регионални и локални патишта ќе бидат реконструирани со заем во износ од 86 милиони евра кои Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ги додели на Македонија. Делегација предводена од претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, во која е и министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска остварија средба со претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти во Лондон.

На средбата беше потпишан договор за користење на 86 милиони евра – втора транша од заем од вкупно 181 милиони евра од ЕБОР за подобрување на македонската инфраструктура. Со втората транша е предвидено да се реконструираат 26 делници од регионални и локални патишта.

Претседателот на ЕБОР Чакрабарти посочи дека банката е задоволна што може да придонесе за развој на инфраструктурата во Македонија, но и за регионалната интеграција преку вложувања во патишта. Тој посочи дека инфраструктурата ќе придонесе кон економскиот развој на регионот преку олеснување на трговската размена и подобрување на условите за водење бизнис.

Оваа инвестиција е поддржана од техничките кооперативни фондови на Централната Европска Иницијатива обезбедени од италијанската влада.

ЕБОР инвестира во македонската економија од 1993 година. Банката досега потпишала 90 проекти во земјата во износ од 1,6 милијарди евра.

error: Content is protected !!