Гувернерот Богов предупредува: НБРМ не смее да се остави без гувернер

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов смета дека институцијата не смее да се остави без прв човек, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата. Очекува нов гувернер да биде избран во предвидениот рок и притоа да се почитува законот за НБРМ.

– НБРМ има многу значајни функции во економијата, ја одржува ценовната стабилност преку стабилен курс на денарот во однос на еврото, се грижи за сигурност на банкарскиот сектор. Оставањето на НБРМ без гувернер би имало сериозни негативни импликации. Се уште се надеваме дека согласно Законот за НБРМ ќе се постигне договор, рече Богов, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за годишните проекции на централната банка.

Тој смета дека треба да се избере нов гувернер професионалец кој ќе си ја извршува функцијата професионално.

– Сите што мислат дека НБРМ може да функционира без гувернер или не се добро информирани или, пак, знаат добро во што ја впуштаат македонската економија. Некои одговорности на гувернерот се исклучиво негови, како донесување одлуки за каматни стапки, ликвидност или за банкарскиот сектор и не може да се префрлат на други, рече гувернерот Богов, кого претседателот Ѓорѓе Иванов повторно го предложи за прв човек на НБРМ.

Богово вели дека тој ја прифатил кандидатурата за нов мандат за гувернер, но оти не може сам да ја оценува својата работа.

– Тоа не треба јас да го кажам, моето го кажав во овие седум години. Резултатите што ги постигнавме со тимот се видливи за сите и други треба да одлучат како понатаму, истакна гувернерот.

Богово дека при донесувањето на одлуката за иден гувернер интересите на државата треба да бидат пред и над се.

– Интересот на политичарите треба да биде интересот на државата Република Македонија. Ако има добра волја, ако се седне да се разговара може да се дојде до најдобар кандидат. Има квалитетни кандидати и покрај нас двајца кои сме сега во фокусот, рече Богов.

error: Content is protected !!