Започна изградбата на експресниот пат Штип–Радовиш

Почна изградбата на првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш. Се работи за делница од 23,5 километри. Изградбата на овој дел ќе чини 27 милиони евра. Ќе го гради фирмата Штрабаг (Strabag) која има обврска и да го одржува пет години по завршувањето.

„На овој дел има 11 мостови од кои едниот 320 метри долг, пропишана брзина е 110 километри на час, пропратно сите други работи што треба да ги има ќе ги има еден современ европски пат“ – изјави Зоран Китанов, директор на Агенција за државни патишта.

Веќе е распишан тендерот и за втората фаза во должина од 17,5 километри. И таа ќе се гради со кредит од Европската банка. Од Владата велат дека во наредните две години се планирани повеќе инвестиции во патната инфраструктура. Најголем дел ќе се реализираат со кредити гарантирани од државата поради што се очекува и раст на гарантираниот долг.

„Планирани се околу 320 милиони евра да бидат потрошени за изградба на патишта како што е овој пат Штип-Радовиш, во двете фази изградбата на автопатот Миладиновци-Штип кој интензивно се гради“ – вели Горан Сугарески, Министерот за транспорт и врски.

Годинава со Буџетот се планирани 400 милииони евра за капитални расходи. Во првиот квартал реализирани се само 11%. Иако според економистите ова е ниско ниво на реализација, од Владата опстојуваат на ставот дека ќе се реализираат 80% од јавните инвестиции.

Од ММФ токму управувањето со јавните инвестиции беше посочено како една од најголемите слабости на сите земји од Западен Балкан. Од нив се бара регионален пристап и подобро управување со проектите.

error: Content is protected !!