Мрачната страна на фотоволтаиците за производство на електрична енергија од соларна енергија

Сонцето, како што е познато, претставува неисцрпен извор на енергија. Во тој смисол, НАСА тврди дека она зрачење од Сонцето што за еден час паѓа на површината на земјата, дека е доволно да ги задоволи годишните потреби на жителите на земјата. Секако, кога би можело да се собере целото зрачење – јасно!

Ние денес сме сведоци дека последните неколку децении интензивно се работи на развивање на технологии за директна трансформација(претворање) на соларното зрачење во електрична енергија со користење на т.н соларни панели (или PV панели).

Постојат два главни типа на соларни панели, и тоа: типови базирани врз силициум (кои денес се почести) и типови базиран врз т.н тенки филмови.

Соларните панели денес се сметаат за привлечен избор за производство на чиста енергија, но тие сепак содржат, покрај другото, и токсични хемикалии. Токсичните хемикалии што ги содржат PV панелите за производство на електрична енергија се проблем – двапати и тоа: еднаш на почетокот на животот на соларниот панел, т.е. за време на неговата изградба и вторпат на крајот на неговиот живот, т.е. кога се отстранува.

Патем, животниот век на соларните панели е околу 20 години иако нивната ефикасност значително опаѓа после 12-сетата година од нивната експлоатација што може да е причина тие да се стават надвор од употреба и порано од 20 години. Овие два интервали (кога се произведуваат и кога се отстрануваат) се времиња кога токсичните хемикалии можат да влезат во околината. Во тој смисол, иако денес сончевата енергија се смета за зелена технологија, се поставува прашање што е со луѓето кои работат во фабриките за производство на соларна панели (еве неодамна беше путена и кај нас една таква фабрика) и што ќе се случува со соларни панели кога ќе стигнат до крајот на нивниот животен век?

Проблемот со PV панелите е во тоа што тие во текот на производството и по отстранувањето испуштаат опасни хемикалии, вклучувајќи ги и кадмиумските соединенија, силициум тетрахлорид, хексафлуоретан и олово. Поточно, токсичните хемикалии во соларните панели вклучуваат: кадмиум телурид; бакар индиум селенид; кадмиум галија (ди) селенид; бакар индиум галиум (ди) селенид; хексафлуороетан; олово и поливинил флуорид.

Дополнително, силикон тетрахлоридот, кој е нуспроизвод за производство на кристален силициум, е многу токсичен.

1.Кадмиум Телурид

Кадмиум телуридот (ознака КТ) е високо токсична хемикалија која е дел од соларни панели. Испитувањата на животни покажале дека тие (после приманјето на умерени до високи дози по пат на вдишување на КТ) не добивале тежина како што нормално треба да имаат. Исто така, Кадмиум Телуридот не само што го спречувал нормалното зголемување на телесната тежина туку и предизвикувал воспаление на белите дробови, фиброза на белите дробови како и стврднување на ткивото на белите дробови. Кадмиум (CdTe) е идентификувана како канцероген.

2.Бакар Индиум Селенид

Испитувања правени во врска со Бакар Индиум Селенидот покажале дека вдишување на умерени до високи дози на бакар индиум селенид го спречува зголемувањето на телесната тежина кај женките, но не и кај мажите. Белите дробови изложени на бакар индиум селенид создавале големи количини на течност. Други испитувања на животни покажале, пак, појава абнормални израстоци во нивните бели дробови поради вдишување на бакар индиум селенид.

3.Кадмиум индиум галиум (ди) селенид

Кадмиум индиум галиум (ди) селенидот (CIGS) е уште една хемикалија во соларните панели, која е токсична за белите дробови (појава на воспалување и прекумерна течност) и канцерогена.

4.Силициум тетрахлорид

Една од токсичните хемикалии кои се вклучени во соларни панели не е она што е во панелите, туку е нус-производ на нивното производство. Тоа е кристалниот силикон кој е клучна компонента на многу соларни панели. Производството на кристален силициум вклучува нус-производ наречен силициум тетрахлорид. Силиконскиот тетрахлорид е високо токсичен. Тој ги убива и растенијата и животните. Таквите загадувачи на животната средина, кои им штетат на луѓето, се голем проблем за луѓето, пример, во Кина и други земји. Овие земји масовно произведуваат соларни панели “чиста енергија”, но не регулираат како токсичниот отпад се фрла во животната средина. Жителите на тие земји често ја плаќаат цената на имателите на фабрики и централи врз база на соларни панели.
Општо земено, при согорување на електронски отпад (а тука спаѓаат и соларните панели) гасовите кои се развиваат се канцерогени и тератогени (предизвикуваат раѓање дефекти) кога се вдишуваат.
Една студија за напредок на животната средина открива дека сончевите панели создаваат 300 пати повеќе токсичен отпад по единица енергија отколку нуклеарните централи. Отфрлените соларни панели, кои содржат опасни елементи како што се олово, хром и кадмиум, се натрупуваат низ целиот свет, а малку се прави за ублажување на нивната потенцијална опасност за животната средина – се вели во студијата.

Иако не постојат емисии за глобално затоплување поврзани со генерирање на електрична енергија од сончева енергија, постојат емисии поврзани со другите фази кои вклучуваат производство, транспорт на материјали, инсталирање, одржување и демонтирање на соларните панели, бидејки за секоја фаза треба енергија која по претпоставка се произведува – да речеме во термоелектрани.

Ова е една од валканите мали тајни што стои зад се поголемиот притисок за произвдство на т.н. обновлива енергија. Имено, додека потрошувачите ги гледаат сончевите панели како безопасни мали прозорци направени од стакло и пластика, реалноста е таа дека тие се сложени и конструирани од различни материјали, поради што е тешко да се расклопат и рециклираат. Во таквата реалност едни (подржани од кампањи и медиуми) се богатат, а други го плаќаат цехот со нивното здравје.

Денес во светот започнува да се бара се погласно превземање на одговорност од производителите на соларни панели. Секако, таквата одговорност може да се префрли на купувачот на панелите или да се подели помеѓу производителот и купувачот – но некој мора да ја превземе. Проблем е што превземањето на таквата одговорност значи трошок, а не добивка поради што панелите завршуваат на депонии.
Практиката покажува дека само со неколку дождовни премивања токсичните материи од скршените панели преминуваат во земја, а преку почвата и водите стигаат до луѓето и до животните.

Со цел изнаоѓање на решение денес се развиени или се во постапка на развивање бројни технологии за рециклирање на соларните панили. Значи, овој проблем е решен и теориски и практично, но проблем е што вредноста на рециклираните компоненти спремни за повторна употреба е многу пати поголема од вложените средства за рециклирање и тоа треба некој да го плати. Додека тоа да се реши, производителите и корисниците на соларни панели ке се богатат на сметка на здравјето на обичните луѓе кои и не се свесни што им се случува.

Од регулаторен аспект, отпадот наречен PV панели спаѓа под општата класификација за отпадот. Единствен исклучок постои на ниво на европската унија (ЕУ), каде PV панелите се дефинирани како е-отпад во Директивата за отпадна електрична и електронска опрема (WEEE). Оттука, управувањето со отпадот од PV панелот е регулирано со оваа директива, дополнително на други правни рамки. Кај нас иако почнува производство на PV панели, не постои никаква законска регулатива, ниту за заштита на вработените, ниту за законска обврска за тоа што да се прави со PV панелите откако тие ќе го отслужат својот век. Патем, ако кај нас веќе се изградени околу 16000 киловати соларни централи тоа значи дека околу 65000 PV панели за скоро време ќе се најдат на депониите за отпад во Република Македонија. Да биде ситуацијата уште полоша Владата на РМ најави доделување на бесплатно државно земјиште и бесплатен приклучок на мрежа за изграда на нови 25000 киловати (тоа значи нови околу 100.000 PV панели) на повеќе локации со можност за дополнителни 25000 киловати и т.н!

И на крајот, да нема илузија – соларните панели (PV панели) прават енергија, но исто така земаат енергија. Притоа, до околу 2010 година, индустријата на соларни панели користеше повеќе електрична енергија отколку што произведуваше, според нови анализи. … Повеќето производители на соларни панели сега трошат многу електрична енергија, обично извлечена од јаглен или други постројки за гориво на база на фосилно гориво. Иако за време на производството на електрична енергија од соларните панели има нула емисија на стакленички гасови, за да се произведат панелите се користи енергија од други извори на фосилно гориво при што се исфрлаат огромни количини на стакленички гасови. Бидејќи тоа не се гледа се стекнува привид дека соларните панели се сосема чиста технологија.

Арсен Арсенов

Станете наш фан ако не сте, на нашата Facebook страна (Macedonian Business Hub) и читајте интересни текстови и размислувања што ги нема на друго место.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!