Најнови информации за PayPal и неговото доаѓање во Македонија

Информации за состојбите со иницијативата за воведување на PayPal во Македонија за продажни места и прием на пари. – Според Венко Глигоров, до крајот на оваа година има изгледи за воведување.

Денес еден од предводниците на приватната иницијатива за воведување на PayPal во Македонија, Венко Глигоров, објави повеќе информации за статусот на иницијативата. Според него, одреден значаен прогрес е направен. Неговиот текст ви го пренесуваме во целост.

Пред скоро една година покренавме приватна иницијатива за овозможување на Paypal за трговци и поединци-фриленсери во Македонија.

Како што знаете, Paypal е светски платежен сервисен провајдер преку кој може безбедно да се плаќа и да се примаат пари од секаде во светот за производи и услуги. Од 2014та година им се овозможи поединците и фирмите во Македонија да отвораат сметки во Пејпал за да вршат плаќање на трговски производи и услуги од светот. За жал, Пејпал не е возможен за примање на пари за производи и услуги на македонските производители, услужни организации и фриленсери.

Откако преку 1000 различни организации и поединци заеднички доставивме барање до Министерството за Финансии и до Пејпал, постапката за воведување на пејпал во Македонија започна. Една година после тоа, сеуште немаме Пејпал за продажни места во Македонија. Сепак, одреден значаен прогрес е направен.

Имено, Paypal како организација е свесна дека Македонија не е на нивната карта на земји кои го подржуваат приемот на пари. И Министерството за финансии, кое експресно реагираше на иницијативата, исто така е свесна и покрена повеќе активности. Се организираа работни средби на сите чинители во банкарскиот, платниот и трговскиот сектор на Македонија.

Најзначајно е тоа што од оваа година во разработка и финиширање се нови законски прописи за унапредување на платниот систем во Македонија – сегмент кој е неопходен за да се создадат услови за воведување на пејпал сервисот. Новата планирана регулатива содржи прописи кои задоволуваат повеќе директиви од ЕУ и современтите платни системи. Со новите законски прописи кои би требало да се достават до Собранието во септември оваа година, ќе се привлече вниманието не само на Пејпал туку и на сите други светски платежни сервиси како Скрил на пример. Платниот систем ќе може да вклучи и организации кои не се финансиски во своето основно делување.

Откако ќе се усвојат законските прописи, ќе го информираме Пејпал и останатите за овие новини и ќе побараме да се отпочне business case за Македонија. Моја проценка е дека овој процес може да трае до три месеци. Идеално би било Пејпал да го имаме во Македонија пред Нова година. Исто така моја проценка е дека процесот ќе оди побрзо ако имаме прием во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Пејпал и другите не се ослонуваат директно на тоа одредена земја да има ЕУ и НАТО сојузништво, но секако дека следат дали одредена земја има раздвиженост на пазарот од политички и бизнис аспект – секако бараат и сигурност на нивната инвестиција. Колку и да изгледа чудно, за Пејпал воведувањето на сервис во одредена земја е инвестиција (во превод трошок) и е потребно да го знаат обемот на нивните приходи и расходи во наредни неколку години – пред да донесат одлука.

На крајот како резиме: и двете страни, и државата Македонија и Пејпал е потребно да направат прогрес, секој во својот делокруг за да третата страна, вредните производители и провајдери на услуги во Македонија имаат корист – корист ќе имаат и корисниците на светските пазари бидејќи непречено ќе можат да соработуваат со Македонија.

Станете наш фан ако не сте, на нашата Facebook страна (Macedonian Business Hub) и читајте интересни текстови и размислувања што ги нема на друго место.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!