Македонецот кој направи милиони со неговиот стартап во Индија, објави книга

Готово. Дојде и тој ден. Ја спремам Белиот Трофеј речиси од Нова година. На неколку пати ме преплави страв и ме натера да се запрашам – Дали ова е исправно. Дали нештата внатре вистински се случија. Не поради тоа што ќе ви звучат толку надреални не само Вас туку и мене. Поради тоа што Вистината не е статичка појава, се менува секоја минута. Дали нештата внатре се вистинити? Дали е исправно да ги разобличам?

Со издавачката куќа имавме мала дебата. Ми рекоа дека книгата може делува малку нарцисоидно. Малку фалбаџиски. Им реков, да. Па што? Се испофалувам во неа небаре крал, но и се критикувам, небаре куче. Исто како што вели народната – Пази боже слеп коњ да не прогледа. Нема внатре сјајни моменти. Нема палати. Нема трофеи. Има само еден трофеј, бел, кој се роди преку пламенот на болката. Се испофалив себеси колку што можев и колку што не можев. Знаеш зошто? Заради тоа што на овој народ Македонски му треба херој. Вистински херој, без оглед на тоа во какви околности е роден…. И каде е роден. Мечка страх, мене не ме страх. Време е да се соочам со фактот дека се изборев за сето тоа. Дека создадов милионска компанија а до вчера црнчев по Струмичките полиња. Време е да се навикнам на фактот дека сум… Дека сум успешен.

Ме прашуваат полно луѓе – А ќе ја има книгата на Англиски? Им реков не. Барем не засега. Би било тешко да се преведе една ваква книга на Англиски Јазик. Во неа се вткаени болки, емоции кои само Македонскиот ум ќе ги препознае. Напишана е на лесен, изворен јазик, за обичниот читател, страдалниот, пијаниот по бакалници, изгладнетиот студент, препечениот земјоделец кој нема прочитано книга уште од лектирите во средно. Не е ова литературно дело. Нема никогаш да се чита на боемски собири и литературни настани. Нема најверојатно да се чита ни по предавањата по претприемништо и маркетинг и поради тоа што внатре изобилува со бизнис стратегии кои ја кренаа мојата фирма од нула кон милиони.

Не.

Ова е исповед,

Ова е плач.

Ова е конфликт.

Ова е празнење.

Ова е помирување.

Книгата може да се купи во Книга три.

error: Content is protected !!