Дали ќе има дополнителни царини од ЕУ за Македонија?

Македонија нема да биде вклучена во никакви санкции и дополнителни царини од Европската унија. Вакво уверување добил министерот за економија, Крешник Бектеши од комесарката за трговија, Сесилија Малмстром откако македонската челична индустрија алармираше до Владата, нашата земја да биде изземена од санкциите кои произлегуваат од трговската војна меѓу САД и Европа.

Европа најави привремена царина за увоз на челик, за да се заштитат европските производи од воведувањето на царина од 25 отсто од страна на САД за увоз на оваа суровина од Европа.

Домашните бизнисмени алармираа дека контра мерките на Европската унија значително ќе и наштетат на македонската економија. Најмногу ќе биде погоден македонскиот челик, но нема да бидат поштедени и другите гранки. Стопанствениците се надеваат дека Европа ќе пресмета дека македонските производи не се закана за нив.

Бектеши тврди дека Македонија нема да биде на листата земји кои ќе бидат опфатени со дополнителни царини.

„Индустријата на челик имаше состанок со нас и ние ги претставивме нивните барања пред Европската комисија која наредните денови треба да излезе со извештај што се однесува за увозот на челик во Европската унија и според нашите сознанија Македонија нема да биде вклучена во некакви санкци“, рече министерот Бектеши.

Нашата држава речиси целиот извоз на челик го пласира во Унијата, а најголемиот дел од извозот ни се состои од делови за автомобилската индустрија. Од Министерстото за економија велат дека будно ја следат состојбата и ги анализираат сите можни опции, но велат дека трговската војна меѓу САД и ЕУ нема да се прелее врз македонската економија.

„Веќе имаме зголемен извоз и месечно и споредено со претходната година. Извозот само расте во Македонија. Ние веруваме дека и така ќе продолжи и во текот на годината ќе го зголемиме извозот во таа индустрија и не веруваме дека ќе има некакво влијание врз индустријата во Република Македонија трговските односи меѓу САД и Кина“, додава министерот Бектеши.

Од 1 јуни САД воведе царина од 25 отсто на челик и алуминиум од ЕУ, Канада и Мексико за што Унијата возврати со царина на увозот од САД вреден 2,8 милијарди евра. До крајот на месецов се очекува ЕУ да донесе одлука за привремена заштитна царина за увоз на челик која би траела 200 дена.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!