Уште една промашена кампања за вработување

Уште муабетот неспласнат од бруките со грантовите од Фондот за Иновации и технолошки развој, а сега и ова. Грантови за самовработување од страна на Агенцијата за Вработување при РМ. Уште една промашена инвестиција. Уште еден пример за нестручни добронамерници кои не водат кон… Никаде.

Значи нашиве институции никако да научат од…. Естонија. Мала земја, уште помала од Македонија некаде на североисточниот дел од Европа, чијашто програма за стимулирање на стартап екосистемот е….. Брилијантна.

Во што е елементарната грешка? Во тоа што цело време крајната цел ни е стимулирање на нови работни места. А тоа само по себе е погрешно. Знаете што прави Естонија? Формулира стратегија за развој на претприемачки екосистем чија главна цел е пренос на знаење. Не на отварање на нови работни места Туку пренос на знаење.

Што значи ова?

Ако се обидете да аплицирате за 5-годишната стартап виза во Естонија, наменета за меѓународни успешни претприемачи меѓу другото, на официјалниот сајт ќе ве начека следново:
“Нашиот комитет кој работи со стартапи на секојдневна основа ќе ги намириса и разликува стартапите од традиционалните бизниси за секунда.”

Со други зборови Естонија вели – Ве молиме, не не замарајте со традиционални бизниси, не не интересира.

Естонија направи две битни работи:
1) Наместо директно да се меша во економијата и да поттикнува креирање на нови бизниси и нови работни места нивната влада се фокусира на развој на беспрекорна инфраструктура преку која може за само неколку минути да се основа компанија, да се згасне компанија итн.

2) Наместо да поттикнува создавање на работни места, нејзина цел е пренос на знаење во домашната економија.

Естонија е малa земја, оскудна со ресурси, со и не баш поволна геогравска локација. Слично на Македонија.

Естонија стана свесна дека единствен начин да се развие во вакви услови е да привлече талентирани мозоци од странство и да им овозможи лесни услови и беспрекорна инфраструктура за да работат од нејзино тло.

Затоа пасусот погоре е онаков каков што е.

Естонија намерно дискриминира во однос на тоа какви компании посакува и стимулира на нејзино тло – Не пекари и сервисни работилници туку исклучиво технолошки компании, стартап компании т.е. компании со потенцијал за брз раст и експанзија.

Секако дека би прашал исто и во нејзиниот случај – А што со останатите мали бизниси?

Па тоа е тоа. Тоа е таа позитивна дискриминација – помало краткорочно зло за поголем долгорочен бенефит.

Естонија е јасна дека не е заинтересирана за стимулирање на пекари туку за високо технолошки компании кои наскоро би отвориле канцеларии во странство и кои би донеле знаење во локалната економија.

Естонија е јасна дека преносот на знаење на долг рок и е далеку побитен од простото формирање на работни места на краток рок.
Се разбира дека примарната цел односно привлекување на мозоци мора да биде поврзана со секундарната цел односно генерирање на нови работни места.

Е сега дали Естонија успева во тоа?

Дали со тоа што фаворизира стартапи по дефиниција односно компании со висок потенцијал за раст наспроти обични пекари успева истовремено да придонесе и за поголема трудова вработеност?

Ете што велат податоците за 2018 година:
– Топ 20-те стартапи во Естонија се одговорни за 56% од сите ново генерирани работни места во Естонија (извор)
– Моментално постојат некаде околу 460 непополнети работни места во врвните Естониски стартап компании а 250 од нив се лоцирани внатре во самата Естонија
– Стартап компаниите во Естонија генерираат околу 5х повеќе работни места од традиционалните компании (missingpeople.io)
– Стартап компаниите во Естонија во просек плаќаат двапати повеќе даноци по вработен што укажува на тоа дека нивните стартапи не само што генерираат работни места туку и дека генерираат профитабилни за државата работни места.

Што можеме да заклучиме?

Можеме да заклучиме дека Естонија и покрај тоа што можете да ја обвините дека дискриминира во однос на пекарите, крајниот нето ефект останува позитивен – поголем број на генерирани работни места без загуба за државата (што не е случај на пример со Слободните Економски Зони)

Значи стратегијата на Естонија за стимулирање на трансфер на знаење наспроти просто генерирање на работни места што е примарен мотив кај нашите добронамерни институции и тоа како е пофункционална стратегија.

Естонија храбро го адресира “слонот во собата” – фактот што недостигот на стручни вештини во економијата е далеку посериозен проблем од недостигот на работни места.
Естонија моментално се наоѓа во златната стартап ера. Нејзините најуспешни стартап компании се во фаза на рапидна експанзија предводени од високо стручни домашни работници а малите исто така бенефицираат од преносот на знаење во локалната економија.

Естонија моментално рангира на прво место по бројот на стартапи Еднорози по глава на жител.

Надворешни инвестициони фондови оваа година имаат инвестирано 245.5 милиони евра во Естониски стартап компании. Уште само 26.5 милиони евра и Естонија ќе го надмине минатогодишниот рекорд а сеуште сме само Август.

Кога Македонската влада ќе почне да го прави истото?

Кога ќе признае дека недостигот на високо кфалификувани кадри е далеку посериозен проблем од простиот недостиг на работни места?

Кога ќе го адресира слонот во собата?

Кога ќе престане со простите привремени популистички политики и храбро ќе преземе иницијативи кои можеби на краток рок ќе изгледаат шокирачки и непопуларни но на долг рок неминовно ќе вродат со бенефит?

Блаже Аризанов

Станете наш фан ако не сте, на нашата Facebook страна (Macedonian Business Hub) и читајте интересни текстови и размислувања што ги нема на друго место.

error: Content is protected !!