Официјално започна со работа турски „Чагатај Кабло“ во Бунарџик

Шест милиони евра инвестиција и вработување на околу 300 лица треба да биде билансот од најновата турска фабрика во Македонија „Чагатај Кабло“ што денеска и официјално почна со работа.

Станува збор за погон од седум илјади метри квадратни, лоциран во индустриската зона „Бунарџик“. За негова изградба во првата фаза се вложени четири милиони евра и досега се вработени 80 лица.

„Чагатај Кабло“ произведува кабли за автомобилската индустрија и за земјоделска механизација и извезува во светски рамки.

Како што истакна сопственикот на фабриката Ахмет Короглу, компанијата донела одлука да инвестира во Македонија во 2006 година, лани ги поставила темелите, а годинава почнува со производство.

– Во втората фаза предвидуваме инвестицијата да достигне шест милиони евра, погонот да изнесува 10 илјади метри квадратни, а бројот на вработени да биде 300, нагласи Короглу.

Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, „Чагатај Кабло“ е првата фабрика што се отвора по донесувањето на новиот Закон со кој се изедначуваат условите за домашните и странските вложувачи.

– Празник е секогаш кога зборувате за нова фабрика и за почеток на ново производство, потенцира Анѓушев и најави дека во наредниот период скоро секоја недела ќе се пушта по еден нов капацитет или ќе почнува ново производство.

Вицепремиерот подвлече дека оваа Влада изминатиов период успеала да донесе 16 странски компании и сите тие планираат инвестиции во земјава.

Од ВМРО-ДПМНЕ возратија со соопштение дека инвестицијата е договорена додека ВМРО-ДПМНЕ биле на власт.

„Договорот за инвестирање на ‘Чагатај кабло’ е потпишан на 18 мај 2017 година од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а е резултат на подолг процес на разговори и преговори. ‘Чагатај кабло’ е дојдена и како доставувач на материјали на ‘Ван Хул’, која, пак, исто така е изградена во време на ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од една година немаат ниту една нова инвестиција, а економските параметри се очајни“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Турската компанија „Чагатај Кабло“ е, меѓу другото, позната и како добавувач на белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“ кој е веќе присутен во „Бунарџик“.

error: Content is protected !!