Започна изградбата на објект за индустриски кетеринг, инвестиција вредна 1,5 милион евра
Реномираната компанијата “Индустри сервис” започна со изградбата на објектот за подготовка, дистрибуција и послужување на храна, односно на индустриски кетеринг.
“Индустри сервис” преку оваа инвестиција која е вредна 1 милион и 500 илјади евра, ќе ги отвори своите врати за 100 нови работни места, а се очекува да биде готова до втората половина на 2019 година. Ќе се простира на 1.800 квадратни метри и ќе има капацитет за подготовка и служење на 9.000 оброци дневно или 2 милиони оброци на годишно ниво.
Објектот се наоѓа на улицата “Благоја Стефковски” бб, веднаш зад средното електротехничко училиште “Михајло Пупин”, на територија на Гази Баба.
Овој објект за подготовка на храна ќе претставува најголем и најсовремен угостителски капацитет од овој тип на цела територија на Македонија. Целна група ќе бидат домашните и странските компании во земјава со над 300 вработени.