Просечната плата на програмерите во јули годинава првпат ја проби бариерата од 60 000 денари!

Просечната плата на компјутерските програмери во јули годинава првпат ја проби бариерата од 60.000 денари. Според Државниот завод за статистика во просек тие заработиле по 60.112 денари, што е за околу 3.500 денари повеќе отколку во месецот пред тоа.

Со ова покачување од над 11 проценти, компјутерските програмери, консултантите и вработените во сродните дејности и понатаму се најдобро платени во државата.

Најновите статистички податоци за нето-платите во државата откриваат дека на второ место се воздухопловците, но со околу 10.000 денари помалку од компјутерџиите. Нивната просечна плата во јули е 51.504 денари и е за четири проценти помала отколку во јуни.

Со висок просек на платите можат да се пофалат и вработените во финсиско услужните дејности, кои со покачувањето од девет проценти земале по 45.061 денар. Зад нив со околу 2.000 денари помалку се вработените во фармацевтската индустрија. Со околу двојно повисоки плати од просечните во државата можат да се пофалат и вработените во телекомуникациите. Зголемени за 4,5 насто тие надминуваат 42.000 денари.

Според ДЗС најниски плати во јуни се поделени во заштитните и истражувачките дејности. Просекот таму е само 13.128 денари, што е речиси половина од просечната плата во државата. Овие вработени ги истуркаа рибарите од првото на второто место оддолу. Платите на вработените во рибарството и акваклутурата се за малку поголеми и изнесуваат 14.341 денар. За 1.000 денари повеќе од нив примаат вработените во кожарската индустрија, а меѓу најниските плати во државата се и оние на производителите на мебел и на облека, како и на вработените во услугите за одржување на згради. Нивните плати се околу 15,5 илјади денари.

Според Државниот завод за статистика просечната плата по вработен во државата во јули е 24.072 денара и во однос на јуни е за половина процент помала, а во однос на ланскиот јули е зголемена за 6,2 проценти номинално и за 4,5 проценти реално. Статистичарите пресметале дека просечната плата во индустријата во јули изнесувала 26.079, а во услугите 26.843 денари. Годишниот раст на платите во индустријата изнесува 10,7, а во услугите 6,1 процент.

error: Content is protected !!