Во вториот квартал растот на БДП во САД е 4,2%

Американската економија пораснала за солидни 4,2% во вториот квартал, април-јуни, што е најдобар резултат за речиси четири години.

Според податоците објавени денеска од страна на американската влада, бруто домашниот производ (БДП) е непроменет во споредба со минатомесечните проценки на Министерството за трговија на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп го истакна добриот резултат на БДП како доказ за исправноста на неговата економска програма.

“Тоа е многу подобро отколку што некој мислеше дека е можно”, изјави Трамп за новинарите во средата.

Иако трговијата во вториот квартал го зголеми БДП за 1,2 процентни поени, поради зголемениот извоз, се очекува дека во третиот квартал ова зголемување ќе изнесува околу еден процентен поен.

“Растот сè уште изгледа прилично силен”, вели Џим О Саливен, економист кој предвидува раст во третиот и четвртиот квартал од околу три проценти “пред моментумот да исчезне во 2019 година”.

Просечниот раст од три проценти во втората половина од оваа година ќе донесе вкупен напредок за цела 2018-та на 3% . Тоа би било најдобро од 2005 година, три години пред финансиската криза во 2008 година што ја турна САД во најлошата рецесија од 1930-тите.

Соединетите Американски Држави сега се наоѓаат во својата десетта година на економска експанзија. Сепак, растот беше во просек млак од само 2,2 што е период на најлошо опоравување од Втората светска војна.

Трамп тоа често го потенцираше при своите настапи кога водеше кампања за претседател, обвинувајќи ја слабоста на економската политика на претходникот Барак Обама. Преку Конгресот во декември минатата година обезбеди намалување на даноците ја нагласи потребата на дерегулација и вети трговски договори со трговски мерки како начин за стимулирање на растот.

error: Content is protected !!