Светска банка: Годинава јавниот долг во Македонија ќе достигне 50% од БДП, а растот на БДП ќе биде само 2,5%

Раст на македонската економија од 2,5% главно движен од приватната потрошувачка и од приватните инвестиции очекува Светска банка, со тоа Македонија ќе има најмал раст споредено со земјите од регионот. Во најновиот економски извештај за земјите од Западен Балкан се наведува дека следната година за Македонија е очекуван економски раст од 2,9, а за 2020 година од 3,2%.

Економистите на Светска банка сметаат дека македонската економија сега закрепнува во однос на лани, кога немаше раст, но предупредуваат дека еден од ризиците е актуелната политичка криза, која, како што велат, нема да ја повлече надолу ако трае кратко, по што растот ќе продолжи со реформските процеси.

Позитивна вест за Македонија е намалената стапка на невработнеост која во вториот квартал од годинава изнесува 21,1%, а до крајот на годинава се очекува да се спушти до 20,4 проценти. Но, загрижува тоа што расте невработеноста кај младите, повеќе од половина од работоспособните во државата се неактивни на пазарот на трудот, односно ниту работат, ниту пак бараат работа, а 80 проценти од евидентираните невработени се долгорочно без работа, што укажува на структурни недостаоци на пазарот на трудот.

Вишиот економист за Западен Балкан во Светска банка, Сања Маџаревиќ-Шујстер, како причини за растечката неактивност кај работоспособното население ги наведува системот за социјална заштита кој во одредени услови обезбедува повеќе средства од плата, потоа неможноста на некои лица да работат зашто мораат да чуваат деца или стари, како и иселените, кои на домашните им праќаат пари, поради што тие не мора да работат.

Таа смета дека кај нас разликата на учестовото на мажите и жените на пазарот на труд, со голема предност на мажите, е причина Македонија да губи 60 проценти од потенцијалниот БДП. Исто така, нотира дека се намалува продуктивноста на трудот, како и додадената вредност по работник.

Оценка на Светска банка е дека годинава јавниот долг ќе достигне 50% од БДП

Оваа меѓународна финансиска институција препорачува спроведување на даночната реформа која Владата ја најави, но поради актуелната политичка ситуација веројатно ќе ја одложи, а бизнис секретарот побара да не се реализира во наредните пет години. Според Светска банка има простор за даночна реформа преку укинувањата на бројните исклучоци од плаќање даноци и поголемо зафаќање кај најбогатите три до пет проценти од населението.

Препораката на економистите на Светска банка е спроведување на структурна реформа фокусирана на креирање опкружување за продуктивен конкурнетен приватен сектор, а од друга страна инвестирање во човечки капитал. Исто така, се препорачува повеќе да се инвестира во обука на учителите и наставниците.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!