МАСИТ и Македонија 2025 бараат автентично толкување на член 14, став 3, точка 1 и 5 од Законот за данок на додадена вредност

Поттикнати од потребата на компаниите од ИКТ секторот и услужните дејности, а со цел автентично толкување на член 14, став 3, точка 1 и 5 од Законот за данок на додадена вредност, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Меѓународната невладина организација Македонија2025 и Адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ, поднесоа барање до Собранието на Република Македонија.

Барањето за автентично толкување се јави како потреба врз основа на анализите и сознанијата за одредени проблеми со кои се соочуваат компаниите, во однос на даночниот третман при извоз на услуги. Имено, на компаниите им се наметнува обврска за неосновано засметување и плаќање на ДДВ, што беше главниот двигател за актуелизирање на прашањето за создавање на стабилна и предвидлива законска рамка, без простор за правни празнини при имплементацијата на постојните законски решенија.

Овој процес за подобрување на предвидливоста на законските решенија, беше препознаен од страна на Владата на Р.М., која даде позитивно мислење по однос на оваа иницијатива. Генералниот секретар на Владата на Р.М., д-р Драги Рашковски, активно се вклучи во актуелизирањето на ова прашање, како и Министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Дамјан Манчевски и формалниот подносител на ова барање пратеничката Ивана Туфегиќ.

Во исчекување на позитивен резултат од Законодавно-правната комисија во Собранието на Р.М., а со цел овозможување на правна сигурност за сите компании кои подлежат на оваа категорија, би сакале да ја изразиме нашата благодарност и да ја поздравиме посветеноста за вклучувањето во овој процес од страна на сите чинители, кој веруваме ќе овозможи подобра бизнис клима, како и поголема предвидливост на законските норми.

error: Content is protected !!