Протестите во Франција поради зголемувањето на даноците се показател за колапсот на социјализмот на западот

Протестите во Франција (воедно и други земји на ЕУ) поради зголемувањето на даноците се уште еден показател за колапсот на социјализмот на западот, кој што само ќе се забрзува. Оваа пропаст е пропратена со колапс на демократијата (индикатор за тоталитарноста), колапс на државните социјални програми и колапс на државните пензии.

Кратка ретроспектива, социјалистичките идеи навлегуваат на голема врата во западот за време на Големата Депресија, со програмата New Deal.

JFK во 60-те, Reagan и Thatcher vo 80-те, и во помала мера Bush помладиот во 00-те, ги потиснуваат социјалистичките идеи, но не успеваат да ги искоренат. И баш во овие временски периоди западот бележи најголем раст на економијата. А главната мерка која што овие политичари ја спровеле била намалување на даноците и другите државни давачки.

Истата мерка на намалување на даноците ја спроведе и Трамп и повторно дава резултати, економијата на САД бележи рекордни резултати. И Трамп ги добива битките, но САД ќе ја изгуби војната со социјализмот. Бидејќи цели генерации американци се индоктринирани, и воедно системот е премногу корумпиран.

Покрај појавата на горенаведените политичари кои што успеваат економијата да ја свртат во правилна насока, системот се одржа волку долго поради тоа што економијата е базирана на кредит, и воедно е floating exchange rate. Некои ги лоцираат проблемите во овие два фундаменти на системот. Меѓутоа проблемот не е во нив (баш напротив, тие се одлично замислени), него е во тоа што тие се злоупотребени. Од оние на кои што им е дадена моќта на државата, политичарите. Која што моќ на државата со текот на времето се префрлаше се повеќе на политичарите, за нели да тие “работат” во интерес на сите (колективот), според Маркс. Како што таа моќ се префрлаше, така се жртвуваше слободата на индивидуата, која што е фундаментална за напредок на општеството. Или поинаку кажано, социјализмот доминира над капитализмот.

Инфлацијата овозможи политичарите да го зголемуваат долгот без апсолутно никаква намера парите некогаш да бидат вратени. И инфлацијата во главно ја бие лош глас поради тоа што таа е базирана главно на зголемување на државните давачки, што придонесува да опаѓа растот на животниот стандард. На сметка на таа инфлација беше потисната посакуваната инфлација, поради растот на платите и куповната моќ. Во реалноста испадна обратно, инфлацијата да е причина за растот на платите.

Но, како одговор на последната глобална криза, каматите се спуштија на рекордно ниско ниво (некаде дури и негативни, лудило). И буквално се дојде до ѕид, не остана ни најмал простор за манипулација. И наместо очекуваниот економски раст, поради историски најниските каматни стапки, се случи дефлација (обратно од тоа што економската теорија го пропагира). Тоа е кога се гледа само едната страна, и не се земаат во предвид останати аспекти. Во случајов, зголеменото трошење на политичарите, пропратено со зголемување на даноците и другите државни давачки, кои што се на историско највисоко ниво како дел од БДП-то.

И сега неспособните политичари, притиснати од проблемите кои што тие сами ги создадоја, со државните долгови, со државните пензии, државните социјални програми, и останати социјалистички базирани дизајни, не знаат ништо друго освен да продолжат со истата мантра, давајте уште пари. Во владите не постојат огледала за политичарите да согледаат каде е проблемот, бидејќи тој никогаш не е во нив самите, секогаш некој друг е виновен.

Овој марксистички базиран дизајн на систем е пред колапс, но марксизмот нема тивко да замине во ноќта, ќе клоца и вриска до самиот крај. Политичарите и државната администрација (длабоката држава) нема лесно да се откажат од своите лукративни позиции.

За Македонија е истата приказна, фактички Македонија никогаш не го напушти марксизмот, само се премина од комунизам во социјализам. Целосната моќ на државата остана во рацете на политичарите.

Проблеми со долгот кој што забрзано се зголемува, проблеми со државниот пензиски фонд со се поголем дефицит. А од друга страна зголемување на државното трошење, пропратено со зголемување на даноците и државните давачки. Економијата продолжува да тоне во дефлација, за после да сврти на инфлација. И тоа во Македонија како периферна економија, онаа најнеомилената, поради девалвација на валута. Тоа е разврската ако работите итно и коренито не се променат во курсот на движењето на Македонија. Позитивната страна тука би била да после финансиски колапс на системот полесно би можеле да се имплементираат очајно потребните реформи (тешко болен човек не прашува кој е лекот). Но, колапсот доаѓа со многу поголема цена, и пука кај што е најтенко.

Јованчо Спироски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!