Блаже Аризанов: Зошто е битно да си го знаеме дното?

Вчера во Битола, пак на говор после извесна пауза. И пак се “разгаштив” (и им благодарам на организаторите што беа кул)

Ги прашав присутните на кој од нив му е дојдено преку глава oд се, од живот, од држава, од беспарица, од незнам што. Едноставно, колку од нив сметаат дека го достигнале дното…

Видов само две три рачиња. Доволно малку за да ми се отпуштат вентилите.

Па тоа е нашиот проблем им реков. Како нација сме премногу фасадирани. Повеќето од нас си го немаат дефинирано сопственото дно и поради тоа постојано си паѓаат подлабоко и подлабоко.

А зошто е битно да си го знаеме дното?

Бидејќи допирањето на дното е еден значаен психолошки момент кој предизвикува длабока квантна промена во нас. Допирањето на дното е мутација која оди толку длабоко и го менува дури и нашиот кернел, примарниот оперативен систем во самите нас.

Допирањето на дното е моментот кога конечно ни паѓаат илузорните завеси од пред очи и си признаваме на себеси дека целиот тој моментален пакет кој го сочинува своето “Јас” не фукционира односно не не носи кон дестинацијата која ја посакуваме.

Во тој момент нашиот систем доживува целосен ребоот или реинсталација со тоа што целосно ги оттргнува од себе постојните програми и ги заменува со нови.

Што е тоа што го предизвикува тој момент? Што е тоа што го маркира актот на допирање на дното?

Тогаш кога сме го допреле дното или сме приклештени спрема ќошето, во нас се буди една примордијална, една античка сила, еден заспан анимизам која е толку силна што инстантно прави “Override” на целиот наш оперативен систем, заобиколувајќи ги основните алгоритми.

Процесот е навидум болен но резултира со неверојатни ефекти. Вие се будите како нова личност. И почнуваат да ви се случуваат нови работи.

Мене тој процес ми се случи во моментот кога се трансформирав во оној што денес го нарекувам Белиот трофеј. Процесот е детално опишан во книгата.

Зошто повеќето од нас немаат пристап до таа енергија? Поради тоа што сме приклештени од синџирите на културните конвенции. Традициите и религијата ја одредуваат културата. Културата е наратив која го објаснува светот околу вас. Проблемот со наративите е што се ригидни односно непроменливи на краток рок.

Поради тоа што ти си припадник на одредена култура, ти ги инкорпорираш и нејзините фикции кои го обојуваат светот и тогаш кога е вистински грд. Добро ни е познато дека културата му дава значење и на страдањето и мачеништвото и поради тоа има толку многу луѓе кои претпочитаат да бидат маченици. Токму затоа толку многу луѓе во Македонија немаат дно.

Или едноставно кажано – проблемот со културата е тоа што му дава значење на се. На се му придава космичка причина. Културата како таква те држи суспендиран ти дава објаснување за се, и не ти дава да паднеш долу, да го допреш дното. Те осудува на состојба на перманентно страдање и нереализирање на своите потенцијали.

Дефинирај си го дното и знај ја точката од која бетер не можеш да бидеш.

Блаже Аризанов

Автор на книгата Белиот трофеј и ко-основач во индискиот милионски стартап Stay Uncle.

error: Content is protected !!