Гепластик ќе го освојува светскиот пазар

Фабриката „Гепластик“ од Гевгелија е лидер во производство на пластични гајби во Република Македонија. Нејзините 25 вработени лица годишно произведуваат од 400 до 500 тони пластична амбалажа за алкохолни и безалкохолни пијалоци за потребите на големите брендови како Хајнекен, Амстел, Скопско, Пелистерка,Тиквеш и уште многу други, изјави Емилија Ѓурова, комерцијален менаџер во фирмата.

– Македонскиот пазар веќе го освоивме и сега наш предизвик се странските пазари. Не се задоволуваме со постигнатото бидејќи ако сакаме да сме присутни таму мора секојдневно да вложуваме во нова опрема и нови форми на пластична амбалажа за да можеме да бидеме конкурентни и покрај тоа што моментно располагаме со широк асортиман на гајби за пијалоци,земјоделски производи и амбалажа за прехранбената индустрија, истакува Ѓурова.

Производите на Гепластик, како што вели Ѓурова,ги задоволуваат меѓународните стандарди за квалитет и зачувување на животната средина што беше услов, заради остварување на амбициите, неодамна да се учествува на Бизнис форумот во Атина кој се одржа во организација на Стопанските комори на Македонија и Грција.

– На форумот во Атина учествуваа над 40 бизнис компании од различни индустриски дејности од двете земји што за нас беше големо искуство.Со некои од нив воспоставивме контакти и веќе комуницираме и договараме заедничка соработка во блиска иднина.За тоа сме подготвени, а веќе остварената деловна соработка и со некои странски фирми ни дава надеж дека во 2019 година конечно ќе излеземе на странскиот пазар, изјави Ѓурова. 

error: Content is protected !!