Блаже Аризанов: Давам 100.000 денари за компанијата што ќе ја предизвика Grouper

Сабајле налетав на т.н. отворено писмо од Групер.

Стандард. Типично корпоративен жаргон, имперсонален израз. Или она што јас го нарекувам – блувотина од зборови.

Ете пример:

Ова признание ви го посветуваме на сите вас–сите вие корисници кои со секое прашање, коментар, сугестија, критика ни помагате низ годините да учиме, да спознаваме, да помагаме, да го подобруваме квалитетот, да ги дигнеме стандардите

… небаре е извадено од семинарски проект од факултет.

Да не се разбереме погрешно. Немам ништо против Групер ниту кон било кој од неговите членови.

Друг ми е муабетот.

Електронската трговија во Македонија моментално тешка околу 105 милиони евра е сегмент кој има простор барем за уште еден играч ако не и двајца. И да се земе потрошувачи од Групер би било извонредно лесно.

Зошто практикува Групер ваква корпоративна етикета, вакво се е океј ние мислиме за вас во секое време клише? Затоа што нема кој да ги предизвика. И во отсуство на предизвикувачи за една компанија е доволно да разлути што е можно помалку луѓе односно – да биде пристојна.

Пристојноста е првото дете на статус кво. Уште од мали не учат на таа пуста пристојност, да не предизвикуваме никој, ништо.

Тука лежат можности баш за оние – непристојните. Компанија што ќе се појави како конкурент на Групер може да стекне иницијална база на клиенти со тоа што ќе биде сето тоа што Групер не е – забавна, откачена, без влакна на јазикот, не корпоративна, не ладна.

Така почнавме ние со мојата Индиска компанија. Иницијално си обезбедивме тракција без никаков маркетинг буџет само преку тоа што го боцкавме нашиот најголем конкурент. На заедницата и беше забавно како се глупиравме и полека полека почна да обрнува внимание.

Е сега откако го имавме потребното внимание следен чекор беше да ја диференцираме нашата услуга максимално од онаа на конкурентот.

Толку.

Стратегија од две чекори.

Ја да бев компанија мала, која оперира во истиот сегмент со Групер знаете што би напишал во Отвореното писмо?

Брат, здраво. И ти сестро.

Ви пишувам дома. Откај мама.

Ете не пак уште една година отепавме. Ако лани успевавме да им продадеме само на баба и на тета, овој пат муштерии ни станаа и роднини од трето колено. Кај и да е, ќе биде од ова милионски бизнис.

Фала ти за сите сугестии, иначе да ви кажам право, вашето ситничарење дека копчето Buy не работело на апликацијата малку ни дојде преку глава бидејќи немаме програмер од 100,000 евра да ни ја одржува мобилната апликација. Та не можеше ли од вебсајтот да ја букираш таа спа услуга за дебелата ти жена која и онака ќе продолжи да те вара?

Наш предлог е да и го купиш овој Еби се стикер, за Нова година

Иначе, Ни треба донации, им должиме на вработените плата за 2 месеци

Кликни тука за да бапнеш 100 денари и да продолжиме да им прдиме на големите злобни корпорации.

Мир.

Нешто во тој фазон.

Гледаш сега? Мала компанија сум, и така не ме ебаваат и така, барем да си се издушам, изглупирам да си ја направам интересната, па може и компанија да биде од тоа.

А во мојот случај и бидна. Трт милојко..!!

Е сега ако не направиме нешто, вакви здодевни компании со нивните досадни комуникеа ќе продолжат да ни го трујат секојдневието небаре Скопски воздух.

И тука доаѓам јас на ред. Онака скромно.

Свечено објавувам дека ќе депонирам 100,000 денари ангел инвестиција за стартапот што ќе почне да оперира во истиот сегмент и ќе им биде директен конкурент на Групер.

Да појаснам малку…

– Дали сум сериозен со 100,000 денари?

– Да.

– А кому точно ќе му ги дадам

– На стартап за Електронска трговија (Е-commerce) којшто знае што прави

– А како ќе знam дека ќе знаат што прават?

Ќе знам. Одма можам да препознаам добро изграден вебсајт или апликација. Лесно ќе препознаам маркетер кој се глупира на здраво но кој позади сето нездраво глупирање има стратегија која води некаде. Одма ќе познаам продавач кој сорсира зделки или носи продавачи на Вашата платформа

Значи поентата е да бидеш еден од овие тројца и да најдеш уште двајца.

– Јас сум програмер бре Благојчо од Борисово. Кај да најдам добар маркетер и добар продавач?

Ако си таков, најпрво честитки што си решил да прекинеш да си го аутсорсираш целиот живот на Upwork и си решил да изградиш нешто од дома.

Добриот маркетер се осеќа од далеку. Барај го на необични места. Испитај кој се им ги пишува содржините на Фчерашни Новости. Еден од нив ќе ти биде одличен материјал за маркетер.

А продавач?

Барај некој од оние досадните кои работат за кешбек компании. Овие луѓе се имуни на Не и на пцовки. Такви типови се токму оние кои прават идеални продавачи за твојата стартап компанија.

– Аааааааа

– Да бе

– Aбе што ти згреши толку бе Групер, Благојчо од Борисово?

Нели се разбравме. Ништо.

Поентата е што Групер уште од поодамна е дел од естаблишментот. И како таква заслужува да биде подложна на критики и играорци како мене. А една од најлукавите стратегии на естаблишментот за да осигура дека никој нема да ги дира е токму ова – да ве убедат дека не се во естаблишментот, дека уште мака мачат како вас.

– Благојчо од Борисово, уште еднаш да прашам? Сериозен си за овие 100.000 денари?

Апсолутно. Стартап тимот кој работи во овој сегмент и кој знае што прави ќе добие 100,000 денари инвестиција од мене. Истовремено ќе им се приклучам во тимот и ќе им помогнам да пораснат понатаму се додека не станат сериозна пречка за Групер.

Оние 100,000 денари ќе ги добие стартапот со полн состав на тим и кој веќе има функционален производ и продажби.

Не инвестирам јас во идеи и убави фаци, не сум јас Фонд За Иновации и Технолошки развој или добротворна установа. Инвестирам во компании кои веќе почнале да реализираат колку толку приходи, со функционален продукт.

А стартапи кои реализираат приходи баш во тој сегмент на електронска трговија се стартапи кои ме палат. А пак оние кои се со мисија, кои не само реализираат приходи туку се и со задача да сериозно ја предизвикаат досадната компанија во нивниот сегмент, па најмногу ме палат.

Јасни сме сега?

Ако си таков стартап, пиши ми и покажи ми што имаш направено

Ако не си, рашири го зборот низ целата република се до Амди Бајрам, да се знае. Пошто јас ја барам на Групер Кока Колата.

Блаже Аризанов

Автор на книгата Белиот трофеј и ко-основач во индискиот милионски стартап Stay Uncle.

error: Content is protected !!