Во Македонија за плата од 500 евра никој не сака да биде овчар
Според сточарите, иако платата е околу 500 евра, а и државата обезбедува дополнителни субвенции, никој не сака да биде овчар. Заинтересираност за оваа работа, посебно кај младите, речиси не постои. Доколку некој и се нафати да биде овчар или говедар, ќе поработи некое време и потоа си оди. Ги остава на цедило, сами да се грижат околу добитокот.
Експертите, пак, предупредуваат дека дефицитот на овчари и говедари не само што придонесува за намалување на сточниот фонд, туку индиректно го загрозува и производството на традиционална храна
Оваа состојба трае подолго време и се заканува да го уништи традицоналното одгледување на животни. Сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување. Тоа во многу случаи ќе значи и крај на традициите за подготовка на бело сирење во мандри, изумирање на старите рецепти и затворање на многу бизниси кои опстојуваат во оваа дејност.
– Секој сака да работи, но 8 часа, додека овчарството бара 24 часа работа. Тоа е тешка работа, човекот ќе биде далеку од луѓето, во планина, само со овците и ќе биде зафатен. Имам сега овчар од Албанија, порано доаѓаа од Косово, но сега бегаат и тие во Германија, Италија, па и Хрватска каде се нудат плати за овчари од 800 до 1.000 евра со обезбедена храна. Европа моли за овчари. Друга работа е тоа што пред десет години и сега цената на сирењето е иста. Волната порано се продаваше, сега се фрла. Ние мораме да плаќаме даноци, пашарина, и треба државата да има стратегија за да овчарството оди напред“, вели Аме. претседател на Здружението на сточари „Даши“ од Дебар кој додава дека во Дебарско има 40.000 грла овци, а тој поседува 700 овци, но дека добар овчар тешко се наоѓа.
Неговите стада се во Дебар, а преку лето се во околината на Галичник.
-По месец дена едвај успеав да најдам овчар од Македонија. Имало претходно овчари и од Албанија, но не се сигурни, и може да си отидат преку ноќ. Кога ќе се спомене зборот овчар, понижување им е на луѓето, иако во самиот тој збор нема ништо лошо. Добар овчар се плаќа од 500 евра па нагоре. Но, тој треба да си ја знае работата, да помогне при јагнење, да знае дека јагнињата треба да се задојат, да забележи ако има некаква болест, да знае за храната на стадото што и како треба, вели Митко Јанков, претседател на Здружението Агроцентар од Велес.