ММФ: Македонија скапо ќе ја плати цената за новото зголемување на минималната плата

Новото зголемување на минималната плата во Македонија како законска обврска, може да влијае на зголемување на невработеноста кај младите, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во посебна анализа за минималната плата во земјава.

Во неа стои дека Македонија може да плати висока цена од понатамошно ад хок покачување на законски утврдената минимална плата, а тоа го поткрепува со посебна студија за влијанието на вакви мерки врз работната сила.

ММФ сугерира на внимателност и во услови на голем процент на сива економија во деловниот амбиент, па тврди дека на ваков начин неформалноста може и да се поттикне дополнително.

-Властите треба да се претпазливи со дополнително ад хок зголемување на минималната плата. И покрај неодамнешното поволно влијание врз минималната заработувачка, минималниот просек на платите во Македонија е на критичен праг, над кој понатамошните зголемувања може да бидат поврзани со негативни ефекти врз вработувањето на младите и неквалификуваните работници, стои во анализата.
Според студија на ММФ, во повеќе земји во Централна и Источна Европа, дополнително зголемување од 10 проценти на мининална плата се одразува со намалување на вработеноста кај младите од два проценти.

-Тоа е скап исход за земја која се бори со 48 проценти невработеност кај младите. Ова е во согласност со постоечката литература и е поддржано од друга студија на ЕК спроведена во 19 земји, која покажува намалување на стапката на вработеност кај младите од 1,5 до 2 проценти ако минималната плата се зголеми за 10 проценти. Исто така, постојат сугестивни докази дека распределените бенефиции се намалуваат кога односот ќе достигне високо ниво, пишува ММФ.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!