Владата лани го задолжила секој Македонец за нови 200 евра

Владата лани го задолжила секој Македонец за нови 200 евра или во просек секој граѓанин должи 2.570 евра. Јавниот долг само минатата година се зголемил за 415 милиони евра, покажува извештајот на Министерството за финансии. Од 4,8 милијарди евра на крајот на 2017-та, јавниот долг континуирано растел и достигнал 5,2 милијарди евра на крајот на декември минатата година.

Од друга страна, пак, буџетските пари не се трошеле со предвидената динамика. Извршувањето на Буџетот во 2018-та потфрлило кај реализацијата на капиталните инвестиции. И покрај тоа што од Владата цела година тврдеа дека поради ревизијата на бројни инфраструктурни проекти и неколкумесечното закочување на изградбата на гасоводот низ Водно очекуваат помала реализација од околу 80%, годината заврши како најкатастрофална во последните 10 години. Првично планираните 400 милиони евра, се намалија на 300 милиони со ребаланс на буџетот, за на крај реализацијата да изнесува само 198 милиони евра, односно не се достигна ниту половина од првично планираното.

Министерот за финансии Тевдовски тврди дека јавниот долг е стабилен. за годинава се предвидува долгот од сегашните 48.7% да може да достигне 54.2% од БДП. Тевдовски уверуваше дека нема да издава еврообврзница, но дека ќе се задолжува надвор, но и редовно на домашниот пазар два пати месечно преку издавање на што подолгорочни државни хартии од вредност.

error: Content is protected !!