Макпетрол бара вонсудско решавање на спорот којшто го има со државата за гасоводот

АД „Макпетрол“ бара вонсудско решавање на деценискиот спор којшто го има со државата околу сопственоста на гасоводот од Бугарија. Нафтената компанија доставила предлог спогодба до Владата со која ù предлага уделите во државната компанија ГА-МА која управува со гасоводот од Бугарија до Македонија, да останат 50:50, пишува Алсат.

„Макпетрол“ и државата повеќе од 12 години водат спор за тоа кој има поголем удел во гасоводот. Од Владата за Алсат потврдуваат дека имаат добиено предлог oд „Макпетрол“ кој предвидува решавање на спорот.

Владата ја разгледа предлог–спогодбата за вонсудско решавање на спорот помеѓу Владата и АД „Макпетрол“ доставена од страна на АД „Макпетрол“. Предлогот е доставен до Државното правобранителство на Република Македонија кое треба да даде опсежна информација за барањето и потоа да ù даде предлог до Владата.” – изјави Вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Сепак каква ќе биде одлуката и препораката од Државното правобранителство сè уште нема информација, односно дали барањето на „Макпетрол“ ќе го оштети буџетот на државата. Според вицепремиерот Анѓушев од решавањето на овој спор ќе зависи и постапката за целосно преземање на сопственоста на гасоводот од страна на државата што е предвидено согласно новиот Закон за енергетика.

Бирото за судски вештачења од ноември минатата година работи на проценката за тоа колку државата треба да му плати на Мапетрол за уделот кој го има во Га-Ма. Новиот Закон за енергетика предвидува сопственик или ко–сопственик на преносниот гасоводен систем да не смее и да не може да биде сопственик на фирма која врши снабдување со природен гас.

Кога гасоводот почна да се гради „Макпрол“ и државата имаа по 50 отсто сопственост. Но, во 2005 година започна судски процес со кој „Макпетрол“ побара поголем удел со образложение дека низ текот на годините инвестирале свои пари за одржување на гасоводот. Судска постапка и државата покрена против „Макпетрол“ по истиот основ и од фирмата бара околу 46 милиони евра.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!