Должат милиони евра а јавните претпријатија отвораат нови работни места

Должат милиони евра, но јавните претпријатија продолжуваат да вработуваат. Јавните претпријатија во државна сопственост кои по брза постапка од Собранието добија одобрение да отворат нови работни места за заменици директори, со години наназад трупаат долгови.

Дел од нив се појавија и на најновата листа на должници на Управата за јавни приходи. ЈП „ Македонија Пат“ за ДДВ и данок на добивка не платило над 5 милиони евра. Македонската радио телевизија должи над 1 милион, а ЈП за стопанисување со објекти од спортот 800 илјади евра. На листата на должници се најдоа Македонски Шуми, Водостопанство на Македонија и бројни јавни комунални претпријатија кои работат во повеќе општини низ земјава.

За премиерот, вработувањето на заменици директори во јавните претпријатија основани од државата не е проблем, бидејќи токму тие ќе помогнеле компаниите кои сега тонат во долгови да работат поефикасно.

Во меѓувреме, јавноста бурно реагираше на бројните огласи за вработувања пред избори, преку кои во државни органи се вдомија многу роднини на функционерите на власт. Огласи за работни места се објавуваат речиси секој ден. Само во последнава недела, нови кадри бараа министерството за информатичко општество, министерството за локална самоуправа, државниот пазарен инспекторат, Комисијата за хартии од вредност, Регулаторната комисија за енергетика и многу други.

error: Content is protected !!