2,5 милиони евра исплатила Комерцијална банка за 55 менаџери лани
На вкупно 55 лица со посебни права и одговорности (менаџерски тим) исплатени се вкупно 154,1 милиони денари или околу 2,5 милиони евра за бруто-плати, плата од деловна успешност, регрес, новогодишен надоместок, менаџерско осигурување, отпремнина, систематски прегледи и јубилејни награди, од кои 106,3 милиони денари претставуваат фиксен и 47,7 милиони денари претставуваат варијабилен надоместок, покажува годишниот извештај за работењето на банката објавен преку Македонската берза.
На вкупно 1.020 лица вработени во Банката, исплатени се вкупно 774,1 милиони денари за брутоплати, плата од деловна успешност, регрес, новогодишен надоместок, менаџерско осигурување, отпремнина, систематски прегледи, јубилејни награди, парична помош, дополнителни пензиски придонеси и други надоместоци од кои 706,7 милиони денари претставуваат фиксен и 67,4 милиони денари претставуаат варијабилен надоместок.
За присуство на седници на членовите на Надзорниот одбор во 2018 година се исплатени 1.026.000 денари, 466,7 илјади денари на членовите на Одборот за ревизија и 26,7 илјади денари на еден надворешен член од Одборот за надзор на информатичката технологија.
Заклучно со 31.12.2018 година вкупно одобрените кредити и други облици на изложеност кон овие лица (вклучувајќи ги и со нив поврзаните лица) изнесува 868,6 милиони денари и целосно е во рамките на пропишаните супервизорски стандарди.
