Просечната нето плата во јануари намалена за 1200 денари а кај програмерите дури за 300 евра!
Тоа што Macedoniаn Business Hub го пишуваше подолг период, дека воведувањето на прогресивен данок од 18% ќе доведе до намалување на платите и до даночна евазија уште во првиот месец од воведувањето на прогресивиот данок се потврдува.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2019 година изнесува 24.517 денари, , а просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2018, изнесува 25.784 денари, со што сега има намалување за 1.200 денари, објави Државниот завод за статистика.
Просечната плата на програмерите се намалила за 300 евра само за еден месец. Лани во декември просекот во овој сектор изнесувал 75.546 денари. Еден месец подоцна тој се намалил на 56.664 денари.
Намалување на просечната месечна нето-плата во однос на претходниот месец, е забележано во секторите уметност, забава и рекреација за 21,4 отсто, информации и комуникации 19,8 отсто и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли за 14,3 отсто.
Од Министерството за финансии се правдаат дека платите кај програмерите во јануари годинава биле за 7% повисоки од ланскито јануари, а просечната државна плата се зголемила за 2 отсто.
Минатата 2018 година имаше просечен раст на платата од 5.6%. Што се однесува на разликата во месеците станува збор за сезонска флуктуација односно секогаш просечната плата во месец декември е повисока во однос на јануари. Затоа овие податоци не се споредливи. За нас е важно дека платите растат и тоа останува приоритет на економските политики на Владата, велат од Финансии.
Зголемување на просечната плата од 50 евра за еден месец бележи енергетскиот сектор кoj важи за омилен за вработување на роднини на функционери.
