Македонците во 2018 година потрошиле 133,7 милиони евра онлајн

Македонските граѓани лани потрошиле 133,7 милиони евра онлајн и што е за 23,8 милиони евра или 17,8 отсто повеќе во однос на претходната година. Повеќе се купувало од странски веб страни, но забележано е купување и на производи од домашни е-продавници од надвор.

Анализата на Македонската асоцијација за е-трговија покажува дека граѓаните во текот на 2018 година стекнале повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките и дека има пораст и на бројот и на вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн кон домашни и странски онлајн трговци.

– Поголемиот дел или 64 отсто од вредноста на трансакциите реализирани со платежни картички издадени во земјава се одеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор, додека 36 отсто од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во земјава.

Во текот на 2018 година странците двојно го зголемиле бројот на трансакции направени онлајн кон македонските онлајн продавници.

-Имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции реализирани во 2018 година, во корист на виртуелни места на продажба во земјава бележи пораст од 132 отсто во однос на 2017 година. Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година реализирани се вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец, односно, изразено во вредност вкупно 5,4 милиони евра се влеале во Македонија на име онлајн купување од странство, што претставува пораст за околу 78% во однос на 2017 година. Веројатно, голем удел во овие трансакции имаат иселените лица од државата кои купуваат производи или користат услуги во земјава, но во секој случај оваа ставка бележи позитивно влијание врз македонската економија, наведуваат од Асоцијацијата.

Посочуваат дека ако се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во земјава од 48,1 милиони евра, надополнета со вредноста на онлајн трансакциите реализирани со странски платежни картички кон онлајн трговци во земјава од 5,4 милиони евра, може да се заклучи дека правните лица чија дејност претставува е-трговијата, односно вршат продажба на производи и услуги во Северна Македонија приходувале вкупно 53,5 милиони евра.

Согласно објавените податоци на Народната банка во текот на 2018 година реализирани се вкупно 5.435.285 онлајн трансакции, кон 4.293.214 онлајн трансакции во текот на 2017 година што претставува поаст од 21 отсто.

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.12.2018 година водржавата активни се 871 продажно место. Станува збор, појаснуваат од Асоцијацијата, за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки што во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.

error: Content is protected !!