Анѓушев: Структурата на невработените не одговара на реалните потреби на пазарот

Помина времето на странски инвестиции кои масовно вработуваа. На пазарот на трудот во Македонија веќе нема нискоквалификувани работници кои би можеле лесно да се вработуваат во тип на фирми кои досега доаѓаа во државава. Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев веќе мора да се бараат инвеститори кои ќе вработуваат она што се нуди во моментов. Но, каква е структурата на 180 илјади невработени, од кои само 105 илјади бараат работа, ќе се знае после пописот следната година.

„Од тие 105 илјади луѓе, 50 посто се со основно или без образование, практично тоа се луѓето што не може да ги апсорбира индустријата веднаш и затоа е потребно да се направи нивна преквалификација, Се разбира нив неможеме да ги враиме бидејќи имаат различна возраст во образовниот систем директно, мора да смислиме како да направиме преквалификација да направиме да бидат соодветни на барањата на економијата“, рече вицепремиерот Анѓушев.

Од оваа бројка, 50 отсто се над 50 годишна возраст, што дополнително претставува проблем. А според поселдната анкета спроведена меѓу 3.000 компании, 1.811 од нив кажале дека веднаш би вработиле над 180.000 луѓе ако ја има оваа работна сила на пазарот. Најмногу бараат машински, електро, градежни и ИТ инженери, како и бравари, заварувачи, возачи, градежници.

„Проблемот со работна сила е ограничувачки фактор за развојот на економијата генерално, бидејќи структурата на невработените не одговара на реалните потреби на пазарот“, додава Анѓушев.

Во рамки на Европскиот самит на економски зони кој денеска се одржа во Скопје беше истакнато дека во некои земји веќе може да се основа компанија и преку мобилен телефон. Државите во привлекување на странски инвеститори треба да се фокусираат на современата технологија на младите претпримачи на идните мали и средни фирми коишто веќе сочинуваат три четвртини од сите инвеститори во слободните зони.

error: Content is protected !!