Ројтерс: Во Бугарија или Турција ќе се гради новата фабрика на „Фолксваген“

Бугарија и Турција остануваат главни фаворити меѓу кои германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ ќе ја избере идната локација за својата нова голема фабрика, објави Ројтерс повикувајќи се на сопствени извори.

По состанокот на управниот одбор на „Фолксваген“, одлучено е да започнат конкретни преговори за планираната нова фабрика во Источна Европа.

Ова се случува откако Македонија  испадна пред неколку месеци од трката, а очигледно според најновите информации и Србија испадна од трката за оваа значајна инвестиција.

Инвестицијата е проценета на околу 1 милијарда евра. Експертите и светските медиуми ги ценеа шансите на двете земји. За Бугарија тие укажуваат дека нејзина предност е тоа што е членка во ЕУ, а за Турција – големиот домашен пазар.

Преговорите меѓу Бугарија и автомобилскиот производител „Фолксваген“ продолжуваат и одлуката на компанијата каде ќе ја гради идната фабрика во Источна Европа ќе биде соопштена најдоцна во октомври.

Уште во средината на ноември минатата година „Фолксваген“ објави дека во следните пет години ќе ги зголеми инвестициите во електричните автомобили, автономното возење и дигитализацијата до речиси 44 милијарди евра, а само 30 милијарди ќе бидат вложени во електричните автомобили, потсетува Дојче веле.

Најавено беше, исто така, дека производството на „шкода карок“ и „сеат атека“ ќе биде преместено во новиот производствен капацитет, за кој се бара локација во Источна Европа.

Се планира новата фабрика да го олесни производството на „Шкода“. Веќе минатата година, директорот на подружницата Бернард Мејер рече дека капацитетите на постројките во „Шкода“ во Европа се целосно исполнети.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!