УЈП: За пет месеци од сите даночни приходи собрани се 1% помалку приходи
Од почетокот на годинава до крајот на мај (јануари-мај 2019 година) наплатениот буџетски приход по видови даноци во однос на планираниот за овој период, е помал вкупно за околу 1 процент и тоа од сите даночни приходи, информираат од Управата за јавни приходи, УЈП.
Објаснуваат дека, со Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година вкупниот износ на приходи oд даноци со кои администрира УЈП е планиран во висина од 86,520,000,000 денари, или околу 1,4 милијарди евра (1.406.829.268), од кои:
од данок на добивка 15,301 милиони денари или приближно 250 милиони евра, од персонален данок на доход/данок на личен доход (ПДД) во износ од 19,083 милиони денари или 310 милиони евра и од данок на додадена вредност (ДДВ) во висина од 52,136 милиони денари или околу 850 милиони евра.
„Според буџетскиот план произлегува дека во првите пет месеци од 2019 година треба да се реализира околу 40 отсто од вкупно планираните даночни приходи.
Додека во периодот јануари-мај наплатениот буџетски приход по видови даноци, во однос на планираниот за истиот период од 2019 година, е помал за околу 1 процентен поен вкупно, за сите даночни приходи“, информираат од УЈП.
Додаваат дека, остварениот вкупен даночен приход во истиот период изнесува 33,689 милиони денари и е повисок за околу 1 отсто во однос на истиот период од 2018 година, повисок за 4,4 отсто во спредба со јануари-мај 2017 година и повеќе за 11,8 отсто во однос на остварениот приход во периодот јануари-мај 2016 година.
„УЈП ги администрира и социјалните придонеси од плата. Во првите пет месеци од годинава, остварен е вкупен приход по основ на социјални придонеси од плата во износ од 29,068,081,750 денари, што е за 0,36 отсто повеќе во однос на планираниот, а за 8,90 отсто во споредба со истиот период лани“, додаваат од УЈП.
Објаснувањето од Управата следи откако деновиве ВМРО ДПМНЕ, поточно нејзиниот претседател Христијан Мицковски, јавно ја обвини Владата дека работи недомаќински, а како потврда за тоа го посочи податокот дека, во УЈП во периодот 01.01-31.05 се инкасирале за околу 3 милијарди денари, или 50 милиони евра помалку приходи од тоа што било испланирано (-8,24%). А дека само во април и мај УЈП собрало 1,5 милијарди денар или за околу 25 милиони евра помалку од планираното.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, пак, на обвинувањата на ВМРО деновиве одговори дека приходите во Буџетот во првите 5 месеци се поголеми за 6,6 отсто, Буџетот е ликвиден, финансиската сосројба е стабилна и навреме се исплаќаат сите обврски од него, како што се плат, пензии, социјални трансфери и слично.
