Франција ќе ги оданочува со нов данок американските ИТ компании

Францускиот сенат  го донесе новиот закон врз основа на кој ќе почнат да се оданочуваат ИТ компаниите кои не се лоцирани во земјата. Официјално, законот е за оданочување на дигиталните услуги.

Оданочувањето ќе се прави за компании кои имаат најмалку 750 милиони евра годишни приходи, од кои 25 милиони се направени продавајќи услуги на француските корисници.Компаниите кои ќе влезат во рамките на овие правила, ќе треба да и платат на Франција данок од 3% од приходите направени во земјата, односно од француските корисници.

Станува јасно дека погодени од овој закон ќе бидат најмногу компаниите од САД. Поради тоа од земјата веднаш дојдоа реакции, а Трамп најави и истрага за случајот и можност за воведување на соодветни даноци како одговор.

Од законот ќе бидат засегнати компании како Google, Facebook, Amazon, Microsoft и други.Франција се одлучи да го донесе овој закон по неуспехот да се договори ист ваков закон во рамките на Европската Унија. Причината за тоа е немањето заеднички став околу законот со сите земји членки, што значи дека тој не би можел да биде донесен.

Од Франција најавија дека доколку не се донесе одлуката во ЕУ, тие самите ќе донесат ваков закон, па еве по неколку месеци од најавата, тоа и се случи.

Објаснувањето за еден ваков закон од неговите поддржувачи е следно. Во денешно време, поточно време на дигитални услуги, не може оданочувањето да се прави само врз основа на физичката локација на компанијата. ИТ компаниите ги продаваат своите услуги во целиот свет, а земјите немаат скоро никаква можност за целосно оданочување на овие бизнис односи.

Каква ќе биде реакцијата од САД ќе видиме во периодот што следи, но повеќе од сигурно е дека Доналд Трамп нема да седи со скрстени раце.

error: Content is protected !!