Државата ќе ги субвенционира физичките лица кои ќе инвестираат во соларни електрани на приватно земјиште

Државата ќе ги субвенционира и граѓаните кои ќе инвестираат во соларни електрани на приватно земјиште. Идната недела ќе биде распишан тендерот кој ќе трае до 27 септември. Од Владата ги охрабруваат домаќинствата да вложат во овој бизнис.

Најниската потребна сума за вложување изнесува 35 илјади евра, односно со 5.000 евра учество може да се земе кредит од банка за старт на инвестицијата. Јавноста сепак, критикува, зошто Владата не ја субвенционира произведената струја од фотоволтаици на кровните конструкции на приватните објекти, туку само на приватно земјиште.

„За да го задоволиме интересот на сите граѓани, фотонапонските електрани на приватно земјиште се поделени во четири категории, од најмали со инсталиран капацитет од 0-200 киловати до фотонапонски електрани од 1-3 мегавати.

Ако некој сака да изгради фотоволтаик со инсталиран капацитет од 50 киловати, ќе треба да реализира инвестиција од 30-35 илјади евра, односно треба да обезбеди сопствено учество од околу 5 илјади евра, а останатите средства да ги обезбеди преку кредитирање. Фотонапонските електрани се поделени во четири категории, за големите инвеститори да не им конкурираат на малите и секој да има можност да инвестира во фотонапонски електрани“ – објасни вицепремиерот Анѓушев.

Избрани ќе бидат оние што ќе побараат што е можно помала субвенција од Владата, односно најмал премиум над пазарната цена на струјата. Ќе следи 30-минутна електронска аукција, на која ќе има негативно поддавање. Може да гради секој, на која било површина.

Теоретски, најмалата може да изнесува дури и еден метар квадратен. Министерот за економија, Бектеши, објасни дека максималниот износ на премијата е 15 евра за 1 мегават час. Владата за финансиска поддршка на производство на струја од сонце од фотоволтаични електрани на државно и приватно земјиште планира да потроши околу 3 милиони евра.

error: Content is protected !!